Вработените во „Трансмет“ и денеска на штрајк, три месеци не добиле плата

by fokus

Вработени во градежната фирма „Трансмет“, на семејството Кочан, утринава во 10.45 часот го блокираа локалниот пат селото Извор-Кичево, во знак на протест затоа што од септември не добиле плата. Информацијата за блокадата ја потврдија од АМСМ од каде велат дека на локацијата се над дваестина лица вработени во компанијата.

Работниците на „Трансмет“, кои работат како подизведувачи на автопатот Кичево Охрид, вчера ги запреа машините и го блокираа патот до дирекцијата на компанијата во кичевски Извор. Одбиваат да ги извршуваат работните задачи се додека не им се исплатат платите и придонесите. Велат дека плата не земале од септември, а дека од февруари годинава постојано им доцнела.

Според дел од вработените на средба со газдата на „Трансмет“ им било речено дека компанијата нема пари и дека државата и должи 3 милиони евра.

Оваа градежна компанија редовно ги добиваше државните тендери за градежни активности од најразличен вид. „Трансмет“ ја изгради фонтаната прскалка на плоштад, го гради бизнис центарот „Емпорио“ во Ѓорче Петров, учествуваше во реконструкцијата на фасади низ Центар во барокен стил, а кинеската компанија „Синохидро“ ја вклучи како подизведувач во изградбата на автопатот Кичево-Охрид. Компанијата беше редовен носител и на тендерите на АД ЕЛЕМ за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола, за што и заработи обвинение од Специјалното јавно обвинителство.

Поврзани новости