Груевски го чита Трамп за да му најде лек на Сорос

by fokus

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, направи „мегаинтервју” за електронското издание на неделникот „Република”, посветено на неговиот проект што го најави за „десоросоизација” на невладиниот сектор.

На почетокот од интервјуто Груевски раскажува како ги минал празниците, се жали дека кашлал, а вели оти го читал и Доналд Трамп, препорачувајќи ја книгата „Повторно величествена“. Груевски вели оти „му го нашол лекот на Џорџ Сорос”, кој го обвини дека невладиниот сектор го претворил во армија.

– Сорос во Македонија ги направи модерна армија. Да класична армија, НВО Сорос во Македонија ги направи модерна армија. Денес битката не е со пушки и пиштоли како пред 100 години, туку со НВО, корумпирани медиуми и новинари и влијание на моќни странски медиуми и моќни странски влади да нивните политики кон една земја ги насочат во правец на неговите цели. Тоа е реалноста и за жал така дејствува Сорос. И тогаш те прават што сакаат. Те гмечат, те сукаат, како тесто. Ќе те направат и криминалец, и лопов и предавник, и идиот, и неспособен, и монструм, се што ќе наумат. Па оди после ти излези на избори. Ќе ти измислат триста афери, купишта лаги и дезинформации, едно зборуваш, друго се пренесува итн. Може светски медиуми како „Асошиејтед прес“ или „Вашингтон пост“ коректно да ја пренесат информацијата, но не може истото да го направат медиумите финансирани од Сорос фондацијата во Македонија. – вели Груевски.

Освен во невладиниот сектор, влијанието на Сорос, според него се раширил и во експертската јавност, новинарите, но и амбасадорите.

– Со политичкото влијание на Сорос, ќе ти свртат и некои влади и нивни амбасадори да се занимаваат со тебе на дневна основа и тие тераат и ти викаат за ваше добро работиме, сакаме да ви помогнеме.

Неговата мрежа во Македонија, освен што има НВО, директно финансира, некои би рекле корумпира, голем број новинари, сопственици на медиуми, професори, интелектуалци, аналитичари, активисти, протестанти, да, како што вели Трамп, професионални протестанти…. Но, има лек и за тоа – вели Груевски, а вели дека ќе го откриел во продолжението на интервјуто.

Поврзани новости