Меѓу 7.232 озлогласени криминалци по кои трага Интерпол, не се наоѓа фотографијата на Никола Груевски. На листата на бегалци има двајца македонски државјани, но меѓународната полиција не трага по екс премиерот на Македонија.
Веднаш по неговото бегство во Унгарија, во ноември 2018 година, по барање на Обвинителството за организиран криминал и корупција, МВР испрати податоци до Интерпол, со седиште во Лион, Франција, но оттаму одбија да ја објават меѓународната потерница. И по повеќе од три години за нив Груевски е слободен граѓанин кој слободно може да патува во други земји.
Во моментот за Груевски активна е меѓународна потерница, но таа е објавена само на сајтот на Министерството за внатрешни работи (МВР). Во неа пишува дека 52-годишниот Никола Груевски, од татко Тало и мајка Нада, се бара за издржување на затворска казна од две години, но и по определен притвор за „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
АЗИЛОТ ГО СПАСИ ЕКС ПРЕМИЕРОТ ОД МЕЃУНАРОДНАТА ПОЛИЦИЈА
И покрај очекувањата на македонските власти потерницата да се објави, сепак, тоа не се случи ниту по три години. Сепак, и од правилникот на Интерпол, донесен во 2015 година, може и да се претпостави дека фотографијата на Груевски нема да осамне на нивната страница. Главната причина е што Груевски и официјално доби азил од Унгарија, со образложение дека во Македонија бил под политички прогон, а правилото на Интерпол е да не објавува потерници за лица чиј бегалски статус е потврден.
Овој правилник бил потврден и со Резолуција, која била изгласана од Генералното собрание на Интерпол во 2017 година, за што веројатно гласала и Македонија.
– Интерпол во 2015 година донесе нов правилник кој се однесува на бегалци, и меѓу другото таму е јасно напишано дека согласно новата пракса секоја потерница или црвена потерница која се однесува на бегалец ќе биде проценета директно од страна на Генералниот секретаријат на Интерпол и индивидуално ќе се цени дали ќе биде или нема да биде одобрена. Дополнително, Интерпол нема да објави потерница доколку таа потерница е од земјата од која бегалецот бега а доколку неговиот бегалски статус е веќе потврден од земјата каде што се засолнил, ни појаснија од Македонското здружение на млади правници кога Интерпол во стартот одби да ја објави потерницата.
Оваа резолуција, која на еден начин ги штити правата на бегалците, е донесена поради честите злоупотреби кои ги правеле авторитарни држави како Турција, Русија и Кина. Поточно, овие земји често го користеле Интерпол како орудие за пресметка со неистомисленици и дисиденти.
Македонија во 1993 година стана дел од Интерпол, а во организацијата членуваат речиси 200 држави, поради што е тешко да се направи проценка колку од распишаните потерници се политички мотивирани.
Или протолкувано, ова би значело дека Интерпол повеќе и верува на Унгарија, на нејзината потреба да го заштити македонскиот бегалец, отколку на нашата држава, која го бара за да му суди.
Груевски според унгарските власти бил жртва на политички прогон. Ова е официјалниот став на Унгарија кој го соопшти министерот за правда Лазло Трошани кој вели дека по нивната одлука за азил залудно било барањето на Македонија за екстрадиција. Министерот, гостувајќи во тамошните медиуми, објаснуваше и дека поранешниот македонски премиер сега има право да побара унгарски патни документи и потоа ќе може слободно да патува во Европската унија како секој друг граѓанин. И не само што ќе може да патува, туку ќе може и да се кандидира на избори и да биде избран на високи политички функции.
Но по истекот на 3-годишниот азил, Министерството за правда не доби повратна информација од Будимпешта, каков е актуелниот статус на поранешниот македонски премиер, односно дали азилот му е продолжен.
ИНТЕРПОЛ НЕ ГИ БАРА НИТУ ГРУЈЕВСКИ И БОШКОВСКИ
Покрај потерницата на Груевски, Интерпол одбива да ја објави и потерницата за Никола Бошковски, поранешен началник во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), кој исто така е еден од осомничените за „27 април“. Бошковски заедно со Горан Грујевски избегаа од 2017 година, откако беа обвинети во случајот „Таргет и Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), односно за масовното нелегално прислушување во УБК.
На моменталната листата на Интерпол има само двајца македонски државјани, Џемсит Дехари и Аќиф Ајро, по кои во моментов е распишана т. н. „црвена белешка“ од страна на меѓународната полициска организација.
По 54-годишниот Дехари, родум од село Гајре, Тетовско, трага Германија. Таму е обвинет за три случаи на грабеж со земање заложници. По него трага и Унгарија каде е обвинет за убиство. Во потерницата од Интерпол се предупредува дека Дехари поседува боречки вештини и дека е опасен.
Четириесет и еден годишниот Ајро е баран во САД каде што е обвинет за серија физички напади и закани. Тој е роден во САД, но покрај американското, поседува и македонско државјанство.
Покрај јавната листа, објавена на веб сајтот на Интерпол, постои и тајна листа, до која пристап имаат сите полициите од земјите членки, па на неа според информации од МВР, се објавени бројни криминалци од Македонија по кои се трага.
На оваа тајна листа, уште од 2012 година се имињата и фотографиите на Алил Демири и Агим Исмаиловиќ, обвинети во случајот „Монструм“, односно за петкратното убиство што беше извршено кај Смиљковско езеро. Тогаш, додека предметот бил во истрага, било проценето дека осомничените не треба да бидат објавени јавно, за и самите да не видат дека ги бара Интерпол.
Груевски не се наоѓа ниту на оваа тајна листа. Тој е слободен граѓанин за унгарските власти, кој слободно ќе може да шета и низ останатите држави, членки на ЕУ.
Валентина Вурмо