По денешните претреси во неколку објекти во рамки на случајот „Плацеви“, вечерва од Будимпешта се огласи Никола Груевски. Тој ја обвини власта дека го вознемирила неговото семејство и негираше дека двата дополнителни станови не се негови, туку ги изнајмувал.
Пред две недели неделникот “Фокус” откри дека во зградата на Бихачка, екс премиерот Никола Груевски, освен станот (дуплекс) во кој живееше, имал уште два тајни стана.
-Денес, репресивните органи на власта, речиси две и пол години по моето заминување од Македонија и добивање азил во Унгарија, во 06 часот изутрина упаднаа во станот каде живеат моите две деца и сопругата со цел да извршат претрес.
Немале потреба да прават такви вознемирувања на моето семејство и особено на децата, бидејќи што и да побарале ќе им било дадено. Освен ако тоа вознемирување не било една од целите.
Како што на јавноста одамна и е познато јас низ годините наназад користев два стана во сопственост на мојата мајка купени на кредит пред дваесетина години. Покрај тоа, во одреден период имав извршено и закуп на два други стана на истиот кат каде живеев а од кои имав потреба, и кои се со помала квадратура, за што поседувам договор за закуп од сопственик со кој немам никаква поврзаност, напиша Груевски на Фејсбук.
Тој вели дека не постои никаков стан на име на секретарка и дека не му паднало напамет да зема пари од партијата.
-Напамет не ми паднало да земам пари од партијата или чланарини од членството за да купувам имот. Впрочем ако целта ми била да живеам во голема удобност имав можност како премиер заедно со семејството да се преселам и десетина години да живеам во многу поголема, побезбедна и поудобна државна вила, што не го направив.Подолг период власта врши притисок, уцени и закани врз лица да ги натераат да бидат лажни сведоци дека нешто што е нивно или нечие, било мое. Употребуваат најбрутални методи од најниски лични уцени и тешки закани по нивната слобода, семејство и имот, па до одредување притвори и други нечовечки методи, тврди Груевски.