Што не е јасно?

by fokus

Пишува: Петар Богојески

Менувате ставови, не сте конзистентни во политиките. Не можеме да ги разбереме доволно вашите пораки, зашто не се јасни. Ова го слушам секој ден. Го читам на социјални мрежи секој час. Во ред, можеби начинот на изразување, начинот на испраќање на пораките не е доволно прилагоден за нашите услови, но за конзистентноста на ставовите не се согласувам. Секој еден став кажан во минатото е кристално јасен и непроменлив. Ајде да се разјасниме.

СДСМ го изгуби европскиот пат, не ја води државата во добар правец и треба да биде симната од власт. Да го смениш името Македонија, а да не договориш влез во ЕУ, тоа е велепредавство. Што е тука нејасно?

ВМРО ДПМНЕ не само што не е реформирана, туку е деформирана! Се што прави е во интерес на Заев, а Мицкоски нема капацитет за лидер на опозиција. Колку подолго е тој лидер на опозиција, толку подолго ќе владее Заев. Затоа Заев прави се што може за Мицкоски да остане лидер на партијата. Што е тука нејасно?

Забрана за етнички партии, единствено граѓанско организирани партии треба да постојат во Македонија! Што е тука нејасно?

Промена на Уставот со цел тргање на тоа „народи и народности“ или денес „народ и делови од народи“, а да стои Македонија е држава на сите граѓани. Ако сакаме унитарна држава, мора така да биде. Потоа, тргање на 20% од Уставот, зашто не може граѓански права да зависат од бројноста на етничката заедница на која припаѓаат тие граѓани. Трето, уставна забрана за било каков тип на позитивна дискриминација. Сите сме еднакви и нема привилегии на база на етничка припадност. Што е тука нејасно?

Етнонационализмот да се криминализира, да се воведе кривично дело со минимум 10 години затвор. Кој и да го манифестира, да си одлежи. Што е тука нејасно?

Безрезервна интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО. Нема тука компромис. Најголем пријател и чувар на државноста се САД. Енде! Што е тука нејасно?

Изградба на автентична македонска доктрина, кауза, која ја нарекуваме македонски концепт, со која сите 5 соседи ни се подеднакво блиски и подеднакво далечни. Македонската доктрина нема да го гае југо наследството, ниту ќе го прифати бугаризмот за свој. Што е тука нејасно?

Македонија на Македонците, каде сите граѓани сме Македонци, без разлика на нашата етничка припадност. Што е тука нејасно?

Бугарскиот договор е тешка гола вода како текст, во позитива за Македонија, но ништо не решава суштинско во бугарското прашање. Проблемите ги остава под тепих. Што е тука нејасно?

Македонските Бугари постојат и треба да се одлучат која им е татковината? Македонија или Бугарија? Двете не може! Тие што ќе се определат за Македонија, треба да бидат целосно интегрирани во македонското општество како сите граѓани на земјава. Што е тука нејасно?

Преспанскиот договор е исклучително лошо номотехнички изработен, не е апликативен во реалноста, не нуди сигурна интеграција на Македонија во ЕУ, ниту пак обезбедува некоја позитива за земјава. Тој е загуба за Македонија, а неспособната власт на СДСМ предвреме го имплементира, со што ги изгуби сите шанси за Македонија да го искористи Преспански договор како аргумент за влез во ЕУ. Што е тука нејасно?

Јазиците на Македонија се богатството на Македонија. Секој граѓанин треба да има право да го користи својот мајчин јазик во комуникација со Републиката. Македонецот својот македонски, Албанецот својот албански, Турчинот својот турски, Бугаринот својот бугарски, Србинот својот српски, Ромот својот ромски, Бошњакот својот босански, Влавот својот влашки… Што е тука нејасно?

Македонците муслимани се етнички Македонци по крв и род, исто како Македонците храстијани или Македонци атеисти или Македонци будисти или Македонци разноверци… Верскиот идентитет не е етнички и не може да биде. Асимилацијата врз Македонците муслимани во 21век во македонска држава е срам и арам за секој еден од нас Македонците, покажуваме колку сме национално лабилни и колку Македонија не ја бива како држава да ги заштити своите национални интереси. Што е тука нејасно?

Изборниот законик е главен промотор на политичка дискриминација во земјава, ги фаворизира двете сестри близначки СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, не обезбедува сигурност на изборниот процес и остава можност за изборни фалсификати по желба и договори на овие две партии. Што е тука нејасно?

МПЦ – ОА е исклучително важна за државноста на Македонија, без разлика на секуларниот карактер на земјава. Секој обид за рушење на МПЦ е обид за рушење на Македонија. Решението за Црквата е од суштински национален интерес на Македонците. Сите треба да помогнеме за тоа, како знаеме и умееме. Што е тука нејасно?

Бојкот на пописот 2021 година, е велепредавство на Македонија. Проблемите со пописот се решаваат на друг начин, но никако со килав бојкот. Како што со бојкот на референдумот го уништивте името на Македонија, така со бојкот на пописот ќе ја уништите и државата. Што е тука нејасно?

Колку сакате да редам факти дека ние имаме најконзистентни ставови по различни прашање? Што е тука нејасно? Ве молам да престанете со омразата кон нас, кои не размислуваме како Вас!

Поврзани новости