Груби тврди дека „Бехтел и Енка“ ќе ангажираат 70 отсто локална работна сила

by fokus

Конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10д, според посебниот Закон и Договорот, е обврзан да ангажира најмалку 51 отсто од локалните ресурси, објави првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците во објава на Фејсбук.

-Во Косово над 70 отсто од вработените биле локални, додека во Албанија и Србија околу 50 отсто. Првичните прогнози, по анализата на пазарот, се дека и кај нас ќе биде ангажирана целата расположлива работна сила, по можност и над 70 отсто. Строго ќе се почитуваат сите права и обврски предвидени со законот за работни односи и другите закони, наведува Груби.

Тој потсетува дека опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ и Левица, со блокадата на законите во Собранието, ќе ја чини државата над 150 милиони евра и две години залудно потрошено време.

-На ниту еден начин не можат да ја спречат реализацијата на проектот, можат само да го поскапат и да го одложат завршувањето на автопатите. Дали автопатите ќе се градат побрзо и поевтино или побавно и поскапо, зависи од пратениците, додава Груби во објавата.

Претходно, портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ изјави дека актуелната Влада оставила само две опции за тоа како понатаму да се развиваат настаните во врска со договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10-д.

Но, тврдат дека имаат план како да ги надоместат последиците алудирајќи на пеналите кои, тврдат, ќе се плаќаат во стотици милиони евра бидејќи проектот ќе се продолжи за уште две години заради тоа што не се промениле законите што власта ветила дека ќе ги промени.

-Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ по вака потпишан договор има две опции:

Првата, е да се раскине договорот, пред судот во Париз да се изгуби по прифатените закони на Англија и Велс. Тоа ќе чини стотици милиони евра штета, но без квадрат поставен асфалт!;

Втората, да се зачува суверенитетот, да се зачува Уставот и законите и автопатот да се заврши во рамки на македонските закони и македонските процедури! Така би се продолжило времето на изградба, но и сумата, заради катастрофалниот договор и обврските преземени од крими владата на ДУИ и помалиот партнер СДС.

ВМРО-ДПМНЕ има план како сето тоа да го надомести, изјави Наум Стоилковски.

Поврзани новости