Во текот на денот, од затворот „Скопје“ до Обвинителството, ќе биде спроведен поранешниот вицепремиер Артан Груби каде што ќе биде изведен на распит пред надлежниот обвинител. Случајот „Државна лотарија“, во кој Груби е еден од осомничените, е во фаза на истрага, а екс вицепремиерот за прв пат ќе може да ја сподели својата одбрана, или пак можеби и ќе одлучи да молчи.
Не се исклучува можноста неговиот адвокат да бара замена на активната мерка притвор, со образложение дека Груби не беше екстрадиран, туку самиот реши да се врати по бегството од повеќе од една година.
Поранешниот вицепремиер Артан Груби, откако утринава беше приведен на граничниот премин „Блаце“, при одбид за влез во државата, од страна на припадниците на МВР бил однесен во истражниот затвор „Скопје“. Како што налага тамошниот ред, Груби бил однесен на разговор и преглед кај затворскиот доктор, по што бил смесетен во ќелија.
-Лицето за кое прашувате во 9.20 часот беше спроведено од припадници на МВР. По прегледот кај докторот е смесетен во притворското одделение, во ќелија со уште едно лице, изјави за „Фокус“ директорот на истражниот затвор „Скопје“, Бобан Утковски.
Тој додава дека Груби не се изјаснил директно за тоа дали се чувствува загрозен, но без оглед на тоа, вели дека ќе се внимава на неговата безбедност, како што впрочем се практикува и за останатите притвореници.
Груби, по една година и два месеци во бегство, реши своеволно да се врати во државата, при што беше уапсен при обидот за влез на граничниот премин Блаце. Засега не се познати мотивите за негoвото враќање, бидејќи јасно му било дека штом ќе стапне во државата ќе му бидат ставени лисици на рацете.
Поранешниот прв вицепремиер од владата на СДСМ и ДУИ, се гони за проневера во служба“ во Државна лотарија, каде заедно со Перпарим Бајрами се осомничени за сторен криминал од 8 милиони евра преку нарачка на ВЛТ апарати.
Груби како раководител на владината седница го одобрил барањето за ВЛТ апаратите иако знаел дека јавната набавка е незаконска и дека лотарија нема право самостојно да организира електронски игри на среќа.
В.В.