Една од најатрактивните компании во последните години во Македонија во која се променија многу акционери и раководни структури, „Македонија Турист“ ја заврши годината со зголемена добивка за 31% во однос на 2024 година.
Друштвото во текот на 2025 година од извршени хотелски и ресторански услуги како основна дејност како и од други споредни дејности оствари позитивен финансиски резултат од 223,847 милиони денари или 3,6 милиони евра. Добивката во 2024 година имала 2,8 милиони евра.
Вкупните приходи за дванаесетте месеци од 2025 год. изнесуваат 643,6 мил. денари и се зголемени за 25,16% во однос на истиот период минатата 2024 година кога изнесувале 514,24 милиони денари.
Зголемувањето на приходите од продажба е резултат на зголемениот број на ноќевања, зголемен приход од основна дејност за 9%, како и на зголемени други оперативни приходи во текот на 2025 година.
Вкупните трошоци и расходи од работењето за дванаесетте месеци од 2025 год. Изнесуваат 405,18 милиони денари и се зголемени за 23% во однос на 2024 год. кога изнесувале 328,49 милиони денари.
Финансиските расходи изнесуваат 3.683 илјади денари и се намалени за 28% во однос на минатата 2024 година кога изнесувале 5.100 илјади денари.
На седницата на Собранието на акционери одржана на 26.05.2025 година не е донесена одлука за исплата на дивиденда. Добивката од 2024 година во износ од 171.468 илјади денари беше распределена за реинвестирана добивка.
Ова е резултат на работењето на компанијата после заминувањето на Доне Таневски, првиот човек и најголем акционер во „Македонија Турист“ кој ги продаде акциите и се повлече од сите функции.
Претседател на Управниот одбор од лани е Ацо Дудулоски. Тој треба да ја предводи хотелско-угостителската компанија до 10 март 2031 година, кога завршува мандатот добиен како избран член на Управниот одбор.
Новиот претседател инаку е сопственик на Современ дом, компанија – партнер на ЗСФ-КОМ во Скопски пазар, кој, пак, е најголем акционер во Македонија турист.
О.К.