Првиот вицепремиер во Владата, Артан Груби, изјави дека се формира работна група која ќе ги систематизира вработените по Рамковен договор, кои не се распоредени и оти се размислува за закон за овие лица.
-Тоа е дел од нашиот коалициски договор, помеѓу ДУИ и СДСМ, за систематизација на сите вработени по Рамковен договор по Програмата К-5 кои беа вработени низ годините за да се подигне адекватната и првична застапеност на сите заедници, не само на Албанците туку и на Ромите, Турците, па дури и на Македонците и на сите други заедници во институциите на државната администрација и во јавниот сектор. Договорот ќе го имплементираме, ќе ги систематизираме сите тие луѓе што сакаат да работат и кои очекуваат да бидат систематизирани. Формиравме работна група за да ги анализираме нивните стручни подготовки, колку имаме економисти, правници, ИТ-инженери, колку се со средно образование… за понатаму со МИОА да ги најдеме празните места – изјави Груби.
Тој рече дека има одлука за систематизирање на околу 700 вработени, ама некои од институциите одбиваат да ги прифатат.