Првиот вицепремиер и министер за политички систем, Артан Груби во вечерашното гостување на телевизија Телма во врска со пописот, истакна дека апсоултно не постои никаков политички договор за некакви бројки меѓу СДСМ и ДУИ или меѓу Ахмети и Заев. Врзаниот потпис, потенцира Груби, воопшто не е политизација на пописот.
-Колку проценти се Албанци, ќе покаже пописот кој се надевам ќе тече на најдобар можен начин, а гаранција за тоа се сите политички партии застапени во Собранието, освен една. Убеден сум и дека граѓаните ќе одговорат на овој предизвик зашто резултатите ни требаат за креирање развојни политики, рече Груби.
Тој ги отфрли како неточни констатациите во јавноста дека постојат несогласувања во ДУИ и ја квалификува денешната изјава на Изет Меџити како „внатрепартиската демократија“. Рече и дека нема непријателство меѓу него и Меџити. Секој предлог за функционерските позиции на ДУИ, објасни Груби, доаѓа од претседателот на партијата, Али Ахмети, но ја потврдува партиското претседателство.
-Мал лапсус е „прашајте го Груби, веројатно мислел „прашајте го Ахмети“. Можеби се работи за гаф. Сепак, Меџити е ветеран на политичката сцена, има функции во ДУИ од почетокот до денес, рече Груби во врска со изјавата на Меџити кој на прашањето што ќе се случи со првиот премиер Албанец во последните 100 дена од владата, одговори – „Артан Груби треба да каже дали Насер Зибери ќе биде првиот премиер Албанец во последните 100 дена од оваа Влада“.