Една третина од рамковните административци од утре може да почнат со работа, најави Груби

by fokus

Една третина од рамковните административци или вкупно 349 денеска ги потпишаа решенијата и од утре може да почнат со работа, рече вечерва првиот вицепремиер и министер за политички систем, Артан Груби.

Во гостување на „Топ тема“, Груби напомена дека повеќето од овие лица, 143, се распределени во МВР, а останатите во Царинската управа, УЈП, Агенцијата за вработување,… Согласно етничката структура, се работи, напомена Груби, претежно за Албанци, но и има и Роми, Македонци, Срби и Турци, додека Власи не.

До крајот на неделата, нагласи Груби, ќе се заврши со решенијата за сите рамковно вработени, а најдоцна за две недели сите ќе почнат со работа.

-Многу сум задоволен од денешниот апслоутно успешен ден. Една третина за еден ден, истакна Груби.

Тој тврди дека рамковните вработувања не се нови, со нив нема да се зголеми бројот на јавната администрација, ниту ќе има какви било финансиски импликации.

-МИОА ги има годишните планови за вработувања, достави допис до Министерството за политички систем со сите празни места согласно систематизацијата, направивме мечирање со нашата листа и согласно тоа совпаѓање, произлезе листата која е усвоена во Владата. Апсолутно тврдам дека не се нови работни места, нема никакви финансиски импликации, рече Груби.

Проблемот со рамковните административци кои речиси една деценија не одеа на работа, првиот вицепремиер го лоцира во честите избори.

-Рамковните вработувања беа успешна приказна, но затаи поради честите избори. Се наталожи огромна бројка и не успеа целосно распределувањето на сите административци. Системот функционираше до 2010 година, а потоа почна да затајува поради политичките проблеми. Секоја година имаше изборни циклуси. По вина на институциите не се вработени овие луѓе. Поради тоа мораше да се донесе лек специјалис во кој се определени роковите за нивна распределба, подвлече Груби.

Поврзани новости