Груби: Идејата за субвенционирање не е само за Албанците, туку и за Македонците во Тетово, Гостивар, Струга

by fokus

Субвенциите за малцинските заедници во моментов се само дебата која е отворена. Субвенциониравме вработувања во странските инвестиции во сите слободни економски зони кај што ги имавме и немаше вакви реакции. Жалам што се уште има реакции околу потребата за почитување на Уставот во државата. Ова е одговорот на првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби за реакциите за неговата најава дека ќе се субвенционира вработување на малцински заедници во приватните компании.

-Идејата за субвенционирање на правична адекватна застапеност не е само за Албанците, туку е за сите. И Македонците коишто се помалку застапени во Тетово или пак во Гостивар, во Струга или пак во Дебар или во Чаир и обратно Албанците кај што се помалку застапени во други компании посебно каде што и државата има удел. Во моментов е тоа само идеја, дебата која што ја отворивме. Како што видовте и во самиот дел од програмата на владата на стр. 33 параграф 4 можете да прочитате дека Владата ќе се залага да отвори дијалог со приватните компании посебно тие коишто имаат удел и домашни и странски компании коишто функционираат во државата да го запазат уставното начело за правична и адекватна застапеност на сите заедници, истакна Груби.

Рече дека има многу реакции во државата, посебно по социјалните мрежи и дека не му е јасно зошто е тоа така кога предлогот е почитување на Уставот.

-Уставно начело е правичната застапеност. Тоа го правиме во нашите институции зашто не би го правеле и во компаниите. Не зборуваме за вработувања на неквалитетни кадри или кадри коишто не ги исполнуваат условите за да ги извршат работните задачи. Зборуваме за најтранспарентен начин за избор на најквалитетните кадри, притоа запазувајќи го и уставното начело за адекватна застапеност, рече Груби.

Поврзани новости