Груби: ДУИ очекува од новиот јавен обвинител да го повлече обвинението за „Монструм“

by fokus

Пратеникот на ДУИ, Артан Груби, на денешната собраниска расправа за избор на нов јавен обвинител, предложен од Владата, рече дека очекува од Љубомир Јовески, да ги расчисти случаите во кои се обвинети граѓани од албанска националност.

Како што рече Груби, од редовите на ДУИ се очекува, меѓу другото, Јовески да го повлече обвинението за „Монструм“, затоа што, рече, невиноста на обвинетите е веќе докажана.

-Разрешувањето на поранешниот јавен обвинител Марко Зврлевски, е симболична појдовна точка за системските реформи кои ги има преземено оваа Влада и парламентарното мнозинство. ДУИ очекува од Јовески да изгради објективно Јавно обвинитеслство со кое ќе ужува доверба кај граѓаните и ќе одлучува согласно законите, а не согласно тефтерите. Очекуваме од него правичнот при сите случаи, особено оние во кои се вмешани Албанци, како „Монструм“, „Сопот“, протестите за пресудата во „Монструм“, случајот во Ѓорче Петров и случајот „Диво Насеље“ за кои нема доверба како се водеа до сега – порача Груби.

Тој додаде дека ДУИ очекува овие случаи да бидат затворени и дека пратениците од оваа партија ќе гласаат за Јовески.

-Очекуваме да го повлече обвинението во случајот „Монструм“ бидејќи нивната невиноста се докажа. Очекуваме и постапка за учество на агенти од тајните служби во случајот „Диво Насеље“. Треба да ја знаеме вистината, кој беше иницијатор, оранизатор и поттикнувач во овој случај. Од јавното обвинителство очекуваме да работи објективно и согласно меѓународните стандарди, а не со двојни аршини, едни за Албанците, а други за другите. Ние од ДУИ даваме поддршка со надеж дека ова Јавно обвинителство ќе биде такво за да ја заслужи довербата како од Албанците, така од Ромите, Власите и Македонците – рече Груби.

 

Поврзани новости