На фолк пејачот Јордан Митев му е забранет влезот во соседна Грција. Пејачот шокиран од постапката на грчките власти, кои што го прогласиле за непожелна личност во нивната земја бидејќи пее македонски патриотски песни, ни раскажа за непријатното искуство.
,,Завчера ми беше слободен ден. И реков, ај ќе отидам до Солун…. Не ме пуштија да поминам, морав да се вратам.Стандардно ги предадов документите на граничниот премин кај Дојран, а службеното лице ми вели, имаш забрана. Ги прашувам како, кога бев во Овчарани пред две недели, овде поминав, а излегов кај Битола… Цариникот ми вели, нема Овчарани, има други имиња. Значи, му реков, затоа што пеам македонски песни ми ставивте забрана, а тој ми одговара -,,Нема македонски,тоа се фиромски песни,овде е Македонија!,, Имав таму два поголеми настапи досега, еден лани на дваесетипетти декември во близина на Солун, и еден сега летово, во Овчарани. Имав уште еден закажано за крајот на оваа година повторно на дваесетипетти декември и најави за 2017 година, но ќе морам да ги откажам. За какви човечки права зборува модерната цивилизација не ми е јасно,, – вели Митев.
Тој додава дека секогаш кога настапувал во Овчарани бил топло пречекан од публиката и сите стари македонски песни се пееле заедно со него во ист глас. ,,Можат да реагираат Грците колку сакаат, јас бев двапати и со мои очи видов,тоа е македонски народ! Има снимки на интернет,видете само како народот пулсира на ,,Бисер Балкански,, – реагира Јордан.
Тој веќе десеттина години е присутен на естрадата. Роден е во радовишкото село Подареш и никогаш не ги криел своите корени и тешкиот живот до својата осумнаесетта година, кога работел по нивите произведувајќи бостан и пиперки, бидејќи потекнува од земјоделско семејство. Вели дека сепак имал среќно детство, исполнето со љубов од најблиските.
Патот до славата си го пробивал сам, без ничија помош, и сега е еден од најбараните, но и најплатените фолк пејачи кај нашата дијаспора. Лани, имаше јубилеен концерт по повод десет години на естрадата, а парите од настанот им ги донираше на семејствата на загинатите бранители во конфликтот во Куманово.
Вики Клинчарова