Грција се разгневи поради репортажата на BBC за македонското малцинство

by fokus

Веќе два дена не стивнуваат реакциите во Грција поради репортажата на BBC насловена „Грчкото невидливо малцинство – Македонските Словени“. Текстот ја разбранува грчката јавност поради тоа што во него се тврди дека македонското малцинство со години било угнетувано, на маргините на грчката држава, која не го признавала и го прогонувала.

„Со ратификување на Преспанскиот договор, при што Македонија е преименувана во Република Северна Македонија, Грција имплицитно го признава постоењето на македонскиот јазик и етничка припадност, но повторно го негира постоењето на македонското малцинство кое постоело со децении “, се вели во статијата што завчера ја објави британскиот јавен сервис.

Атина во неделата испрати реакција до BBC каде негираше дека не постои „македонско малцинство“ во државата, кое било репресирано со децении и додавајќи дека има историска неточност во прилогот.

Грчкиот амбасадор во Обединетото Кралство, Димитрис Карамицос-Цирас, пак, вчера испратил писмо во кое вели дека во текстот има „сериозни историски неточности и искривувања против Грција“, дека тој не е во склад со Преспанскиот договор и се обидува да отвори „непостоечко прашање“.

„Договорот, потпишан помеѓу Атина и Скопје за решавање на 27-годишниот спор за името, не признава етничка припадност, туку националност“, пишува амбасадорот, додавајќи дека иако Грција ја признава еднаквоста пред законот, земјата препознава само едно малцинство – муслиманското.

„Грција го задржува правото да им се обраќа на луѓето што ѝ припаѓаат на мнозинската етничка група што живеат во соседната земја, на начин како што тоа го правеле и досега, а граѓаните на таа етничка група го задржуваат правото на самоопределување”, вели грчкиот амбасадор.

BBC во својата репортажа разговара со 92-годишниот Фокас, пензиониран адвокат кој се претставува како етнички Македонец и грчки патриот. Тој се сеќава дека неговиот вујко му кажувал дека тие не се ни Грци, ни Бугари, ни Срби, туку македонски православци.

Вели дека иако неговиот мајчин јазик е македонскиот, во местото каде што живеат тие се познати како локални жители кои зборуваат јазик наречен “локален”. Тоа е последица на забраната на грчкиот диктатор Метаксас уште од 1938ма да се користи македонскиот јазик, а сите кои што не ја почитувале одлуката да бидат казнети. Неговите родители свесно не зборувале на македонски, со цел да ги заштитат своите деца од проблеми.

– “Македонците” во Грција понекогаш беа испрашувани и претрпуваа прогон, бидејќи нивното присуство било речиси игнорирано од речиси сите. Повеќето не сакаат да разговараат со странците за нивниот идентитет, за себе и за другите, едноставно се познати како “локални жители” кои зборуваат јазик наречен локален, а за нив не се спомнува во учебниците по историја, тие не се појавуваат во пописите од 1951 година, кога тие едноставно се запишани како “словенски” говорници. Не се спомнува нивното постоење во јавноста. Повеќето Грци дури и не знаат дека тие постојат “, вели тој.

Поврзани новости