Министрите за финансии од Еврогрупата на средбата во Луксембург постигнаа договор за грчкиот долг, што ќе го овозможи отпуштањето на следната спасувачка транша свежи пари за Атина.
Договорена е исплата од околу 8,5 милијарди евра од Европскиот стабилизирачки механизам, ЕМС, соопшти шефот на Еврогрупата, Јерон Дејселблум, што според него, претставува голем чекор напред.
Еврокомесарот за економија, Пјер Московиси дополни: „Ова се добри вести. Тие содржат подеднакво ветување и надеж – за грчкиот народ и за еврозоната.“
Добрите вести во Атина доаѓаат во вистински момент, зашто за четири недели грчката влада треба да плати дел од своите долгови кај приватни инвеститори, кај Европската централна банка и ММФ. Достасани ќе бидат околу седум милијарди евра, пари кои Атина засега ги нема и затоа треба да се посегне по Европскиот стабилизирачки механизам, договорен во 2016. година. Практично, нов кредит ќе го замени стариот.
Ваквиот исчекор доаѓа откако меѓународните кредитори на земјата беа поделени по прашањето како да се изменаџира третиот спасувачки пакет по грчкиот финаниски крах од пред седум години.
Грција е во процес на изведување тешки реформи за да добива натамошна спасувачка помош од своите европски кредитори.