Грција ја обвини Македонија за непочитување на спогодбата што сама ја прекрши

by fokus

Грција ја обвини Македонија дека го прекршила договорот од 1995 година, откако ракометарките на македонската репрезентација под 17 години на теренот се појавија со носење на обележјата „Македонија“ на нивните дресови на натпреварот закажан против нивните грчки колешки во Скопје, пишува грчкиот весник Екатимерини.

„Според привремениот договор од 1995 година, ПЈРМ може да се приклучи на меѓународни организации само под нејзиното привремено име. Уште еднаш сме сведоци дека ПЈРМ, по добивањето на членство во меѓународна организација, се обидува да го прекрши привремениот договор и да учествува под нејзиното уставно име”, се вели во изјавата на грчкото Министерство за надворешни работи.

Инаку, Грција веќе ја прекрши привремената спогодба со тоа што стави вето на интеграциите на Македонија во НАТО за време на самитот во Букурешт. Таква пресуда донесе Меѓународниот суд на правдата во Хаг во 2011 година откако Македонија поднесе тужба против Грција во ноември 2008. година, неколку месеци откако земјата беше блокирана на самитот на НАТО во Букурешт.

На скопско Кале, пак, во вторникот грчката ракометна асоцијација ја повлече својата репрезентација од европскиот шампионат во знак на протест поради тоа што стручниот штаб на македонските кадетки носеше маички на кои беше напишано уставното име на земјата. По 32 секунди на терен, грчката репрезентација се повлече и ракометната репрезентација на Македонија го доби натпреварот со 10:0. Европската ракометна федерација (ЕХФ) ја исклучи грчката ракометна репрезентација од турнирот и ја казни со 25.000 евра.

Поврзани новости