Григор Копров најави голем спектакл: Од Мирослав Илиќ до Владо Калембер, навала на музички ѕвезди на ,,Охрид Фест”!

by fokus

Кики Лесендриќ, Златко Пејаковиќ, Владо Калембер, Ален Исламовиќ, Мирослав Илиќ, Гарабет Тавитјан, Толис Дамјанос, Теди Грубица и уште многу други балкански музички ѕвезди доаѓаат во Охрид, на традиционалниот интернационален музички фестивал „Охрид Фест”.

Настанот ќе се одржи на втори и трети септември на сцената на Долни Сарај, и ова е 29-то издание на реномираната манифестација која секоја година привлекува голем број на посетители, желни за добрите звуци на музиката од Балканот.

Според првиот човек на фестивалот, Григор Копров, подготовките веќе се во тек, фестивалот директно ќе го пренесува МРТВ, а преносот ќе го емитуваат над десет телевизии од Балканот.

-На 2-ри септември, на сцената на Долни Сарај во Охрид, во Фолк вечер ќе настапи домашната фолк елита, свое шоу ќе има популарниот пејач од Србија – Мирослав Илиќ, а во втората фестивалска ноќ на 3-ти септември ќе видиме многу атрактивни музички имиња од Балканот.

Бастионот на убавата македонска песна „Охрид фест“, годинава ќе понуди одлична фолк и интернационална вечер, каде на втори и трети септември ќе настапат докажани музички имиња и, бидејќи ги охрабруваме новите музички сили, даваме можност дебитантите да ја започнат музичката кариера токму од Охрид – вели Копров.

Водители на фестивалот се Каролина Петковска – во Фолк вечерта и Маријана Станојковска и Васил Зафирчев во Интернационалната вечер.

Од Србија доаѓаат Кики Лесендриќ и Срѓан Марјановиќ, од Хрватска- Владо Калембер, Златко Пејаковиќ, Теди Грубица и Јурица Паѓен („Аеродром“ „Азра“, „Парни ваљак“), од Босна, Ален Исламовиќ, словенските музичари се Божидар Волф, Инес Ербус& Давид Амаро, од Бугарија-дуото „Expose“, од Албанија – Рина Рамадани и Толис Дамјанос од Грција.

Наградите за промоцијата на музиката на Балканот се доделуваат на Мирослав Илиќ, кој ќе има свој мини концерт во Фолк вечерта и Гарабет Тавитјан, кој ќе настапи на Интернационалната вечер.

Вики Клинчарова

Поврзани новости