Доверба од Собранието на Северна Македонија, доби кусо пред полноќ про-западната влада на Зоран Заев, по предвремените избори што во балканската земја се одржаа на 15 јули, пишува грчката новинска агенција АНА-МПА на почетокот од текстот, што го презедоа речиси сите онлајн изданија на медиумите во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
АНА-МПА во текстот објаснува дека довербата беше изгласана од 62 пратеници, а новиот владин состав има 19 членови, седум помалку од претходната Влада.
„Северна Македонија: Владата на Заев доби доверба“; „Доверба од Собранието за Владата на Зоран Заев“; „Скопје: Заев обезбеди доверба и формира Влада“; „Доверба за новата Влада на Зоран Заев“; „Северна Македонија: Владата на Заев обезбеди доверба од Собранието“; „Северна Македонија: Владата на Заев доби доверба – Албанец новиот министер за надворешни работи“, се дел од насловите во електронските изданија на медиумите во Грција во текстот од АНА-МПА.
Грчката новинска агенција акцентот го става на Министерството за надворешни работи, пишува дека новиот шеф на дипломатијата е досегашниот вицепремиер надлежен за европски прашања Бујар Османи и објаснува дека на негово место доаѓа довчерашниот министер за надворешни работи Никола Димитров.
-Зоран Заев во претставувањето на програмата на Владата спомена дека приоритетите ќе бидат борба со корупцијата и имплементација на реформите, кои се неопходни за европскиот пат на земјата, како и справување со здравствената и економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот, пишува АНА-МПА и додава дека македонскиот премиер споменал дека „новата Влада ќе ги почитува и целосно ќе ги спроведе трите клучни договори за земјата: Договорот од Преспа, Договорот на Северна Македонија со Бугарија за добрососедство и соработка, како и Охридскиот мировен договор“.