Новите дополнителни и построги мерки на грчката Влада воведени во понеделникот за граничните премини Евзони кон Македонија и Какавиа кон Албанија, што важат и за транспортерите, предизвикаа реакции од Федерацијата на грчките камионџии, кои испратија писмо до надлежните министерства со предлози и барања, но и не ја исклучуваат можноста да постават блокада на Евзони, јави дописничката на МИА од Атина.
Задолжителниот рапид тест при влезот во Грција, ограничениот број на 400 преминувања дневно, работното време од 7 до 19 часот, како и задолжителното пополнување на формуларот PLF (Passenger Locator Form) од завчера важат и за транспортерите, кои преку соопштение велат дека „бескрајното и без логика воведување рестриктивни мерки на копнените граници на земјата, сѐ повеќе негативно влијаат на непреченото функционирање на синџирот за снабдување“.
Од Федерацијата објаснуваат дека во понеделникот, поради ограничениот број дозволени преминувања, при пријавувањето преку PLF формуларот, биле пополнети сите термини за влез во Грција до 20 март.