Грчки авиони почнаа да прелетуваат на небото над Македонија

by fokus

Со два прелета во воздушниот простор на Македонија изутринава од 7:30 до 9:30 часот се изврши првиот пробен прелет за потребите на НАТО мисијата „Air Policing“ (чување на воздушниот простор). Прелетот го извршија воздухоплови на вооружените сили на Република Грција.

Целта на прелетот е проверка на комуникациите и радарската покриеност на нашиот воздухопловен простор.

Ова беше договорено при посетата на грчкиот премиер, Алексис Ципрас, во април, кога со премеирот, Зоран Заев, потпишаа меморандум со кој се предвидува грчката авијација да го покрива небото над Македонија. Како што рекоа тогаш двајцата премиери ова би ја зголемило безбедноста и соработката.

„Прелетите се во функција на подготовката и исполнувањето на условите од страна на Македонија во делот на воздухопловството како идна рамноправна членка во системот на колективна безбедност“, соопшти Министерството за одбрана.

Мисијата „Air Policing“ е мирновремена задача на НАТО, која вклучува користење на системот за следење на воздушниот простор и управување со системот за команда и контрола на воздухопловните сили со соодветни сили и средства за противвоздушна одбрана, со цел заштита на воздушниот простор на земјите членки на НАТО.

Поврзани новости