Речиси 90 отсто од спомениците во рамки на проектот „Скопје 2014“ се дивоградба, подигнати спротивно на Уставот и законите, вели професорот, Мирослав Грчев, кој ја предводи работната група на Министерството за култура која работи на ревизија на урбанистичкиот проект.
Во своите извештаи работната група препорачува отстранување и дислоцирање на дел од спомениците. Освен споменикот на Андон Лазов-Јанев попознат како Ќосето, работната група препорачува отстранување и на меморијалниот споменик на Мајка Тереза кој е во процес на изградба на плоштадот.
-Се работи за упропастена или украдена пара која допрва треба со судски мерки да се гони, пронајде и да се вратат парите на граѓаните – вели Грчев за „Алсат М“ објаснувајќи зошто спомениците треба да се срушат.
Втори по приоритет за уривање ги најавува „Воинот на коњ“ и споменикот на Филип Македонски. Грчев вели дека сите препораки ќе ги достават до Владата, а таа ќе даде насоки до кои институции ќе ги упати предметите на извршување.