Откако пред две недели ја објавивме сторијата дека АД „Гранит“ го продал опожарениот хотел на Попова Шапка за 55 илјади евра на фирма за осветлување со еден вработен, и тоа непосредно пред да го добие вториот милионски тендер за комплетирање на автопатската траса кон Блаце од 2 километри, дојдовме до нови сознанија дека градежната компанија претходно имала понуди од над 150.000 евра од сопственици на соседни хотели, кои не ги прифатила.
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Како што веќе обелодени неделникот „Фокус“, пред да го добие вториот милионски тендер за комплетирање на автопатската траса кон Блаце од Јавното претпријатие за државни патишта на чело со директорот Ејуп Рустеми, „Гранит“го продал хотелот на Попова Шапка на фирма со еден вработен што неколку години работи со загуба, која пак била основана од актуелниот претседател на ФК „Шкупи“.
Инаку, ЈП за државни патишта и „Гранит“ на 16.01.2020 година го склучија првиот договор за изградба на 2 километри од автопатската делница кон Блаце, во вредност од 17 милиони евра. Но, овој договор не се реализираше во предвидениот рок, па според Бирото за јавни набавки, двете страни на 24.01.2023 склучија нов договор за докомплетирање на трасата во вредност од 11 и пол милиони евра.
Притоа, огласот за тендерот е објавен на 21.10.2022 година или само неколку дена откако на 17.10.2022 година во катастарот е запишана промена на сопственоста на хотелот „Гранит“ на Попова Шапка, кој беше опожарен во 2013 година. Според катастарската евиденција, се работи за земјиште од 150 квадратни метри, со објект со внатрешна површина од 278 квадрати, лоциран на катастарска парцела 1/37, во рамки на катастарска општина Лисец-вон град, Тетово.
Уверението за историски преглед на извршените запишувања што го обезбедивме покажува дека оваа парцела се формира во 1999 година, кога впрочем со решение и се доделува на „Гранит“. Во 2013 година, пак, градежната компанија успева да го легализира со елаборат, врз основа на Законот за легализација на бесправно изградени објекти.
Нема промени во сопственоста се до минатата 2022 година, кога имотот преминал во сопственост на компанија „Еуро Ком Лигхтинг“. Во историјатот нема податоци кога точно е склучен договорот и на која сума, но „Фокус“ успеа да го обезбеди овој договорот, кој е склучен на 15.08.2022 година, а потоа солемизиран на 14.10.2022 година, што се случува пред да биде склучен договорот за јавна набавка меѓу „Гранит“ и ЈП за државни патишта.
Всушност, договорот открива дека овој имот за 55 илјади евра го купила „Еуро Ком Лигхтинг“, чија главна дејност е електро расвета. Но, како што велат од таму, компанијата се занимава и со трговија со разновидна стока, консалтинг во делот на микроменаџирање, логистички услуги и посредување при остварување на деловни односи.
„На оглас објавен на дневните весници од страна на АД „Гранит“ за продажба на руинирана и изгорена градба на Попова Шапка, дадовме јавна понуда за купување којашто беше прифатена од „Гранит“. Засега немаме никакви планови…“, велат од компанијата.
Моментално, според податоците од Централниот регистар, компанијата е во сопственост на еден македонски и еден турски државјанин – Беким Лимани и Хусамеддин Озтурк. Сепак, првично била основана од актуелниот претседател на ФК „Шкупи“ Суат Аљија, кој можел да се види како во друштво на функционери на власта следи фудбалски натпревари, а бил ангажиран во Царинската управа од 2018 до крајот на 2022 година како советник во Секторот за меѓународна соработка.
Во Управниот одбор на ФК „Шкупи“ членува и Омер Буњаку, за кого медиумите пишуваа дека е водач на навивачката група „шверцери“. Воедно, тој му бил советник за млади и спорт на првиот вицепремиер Артан Груби, кој исто така бил дел оваа навивачка група. Двајцата учествуваа на добро познатите настани на скопско Кале, кога Буњаку беше приведен па ослободен по интервенција на тогашниот заменик-министер за внатрешни работи Џеват Бучи.
Финансиските извештаи на „Еуро Ком Лигхтинг“ покажуваат дека неколку години работи со загуба, која во 2019 година изнесува 411.923, а во 2020 година изнесува 884.340 денари. Овој тренд продолжува и во 2021 година, кога приходите на друштвото изнесувале 106.254.289 денари, а расходите биле 106.712.851 денари, што значи загубата била 358.562 денари.
Од 5 вработените во минатите години, компанијата падналата на еден вработен во 2021. Што се однесува за минатата 2022 година, кога компанијата го купила хотелот на Шапка, се уште не се објавени финансиските извештаи бидејќи не е изминат рокот за доставување на годишна сметка.
Откако ги објавивме овие информации, стапивме во контакт со повеќе луѓе поврзани со угостителско-туристичкиот бизнис на Попова Шапка. Како што тврдат тие, пред да одлучи да го продаде хотелот на „Еуро Ком Лигхтинг“, основана од актуелниот претседател на ФК „Шкупи“, „Гранит“ имала многу попривлечни понуди што не ги прифатила.
Најновиот број на неделникот „Фокус“ пишува дека сопственикот на еден од соседните хотели им понудил на веќе поранешните сопственици на хотелот 160.000 евра. Друг сопственик на малку полуксузен хотел, пак, понудил 20.000 евра повеќе или вкупно 180.000 за овој имот, кој станува дополнително атрактивен поради најавите за модернизација на Шапка од страна на концесионер од Италија.
Во однос на тоа, се обративме до „Гранит“, но не добивме одговори. Моментално, според Централниот депозитар на хартии од врдност, најголеми акционери со сопственост врз околу 8 проценти од акциите се Ивана Милковска – Симева и Зоран Милковски. Тие се ќерка и син на Страшо Милковски, долгогодишен директор на градежниот гигант, кој моментално е претседател на Управниот одбор.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.