Граѓанските организации со писмо до ЕУ и САД: Бараме вистински реформи за фер избори

by Фокус

78 невладини и граѓански организации денеска испратија писмо до претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, потпретседателката на Европската комисија и висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини, Делeгацијата на ЕУ во Македонија, пратеници во Европскиот парламент, раководителот на Сениорската експертска група – Рајнхард Прибе, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Амбасадите на сите држави-членки на ЕУ кои имаат свои претставништва во Македонија, Амбасадата на САД и копија до еврокомесарот Јоханес Хан. Бараат да се спроведат вистински реформи за фер и демократски избори.

Почитувани,

Поминаа повеќе од седум месеци откако Европската комисија ги усвои Итните реформски приоритети и експертските препораки од „Извештајот на Прибе“.

За жал, во овие седум месеци не бевме сведоци на вистински реформи кои требаше да доведат до надминување на политичката криза во Република Македонија. Наместо почитување на темелните вредности на ЕУ, сè уште сме сведоци на недемократски процеси, непочитување на човековите права и газење на Уставот на Република Македонија. Наместо конструктивен политички дијалог меѓу власта, опозицијата и граѓанското општество, сведоци сме на донесување еднострани одлуки. Наместо владеење на правото и почитување на принципот на поделба на власта, сведоци сме на политичко самоволие и узурпирање на законодавната и судската власт од страна на извршната власт.

Наспроти барањата на Европската комисија за итни реформи, за жал, констатираме дека во последниве седум месеци:
Не се преземени конкретни чекори за деполитизација на судството.

Нема јасни сигнали дека функционира судскиот и парламентарниот надзор над УБК, ниту дека е прекинат директниот пристап на УБК за пресретнување на комуникациите.

Се попречува и опструира независноста на регулаторните и надзорните тела.

Нема конкретни мерки за департизација на јавната администрација.

Не се преземени мерки за одделување на државните од партиските активности.

Не се испочитуваа ниту конкретните експертски препораки кои требаше да овозможат и гарантираат фер и слободни избори:
Нема судска, ниту политичка разрешница за директното политичко влијание во изборните манипулации.

Конституирањето на Државната изборна комисија доцнеше четири и пол месеци и оневозможи истата ефективно да ги истражи обелоденетите нерегуларности од претходните избори.

Не се навремено адресирани недостатоците кои се констатирани во поглед на Избирачкиот список.

Наспроти препораките за надминување на сериозната медиумска криза во Република Македонија, сведоци сме на нејзино продлабочување. Сè уште се видливи „нездравите врски“ помеѓу главните медиуми и владиниот врв кој продолжува да ја игра улогата на главен уредник на вести во медиумите кои ги корумпира или контролира. Продолжи политичкиот притисок и заплашувањето, како и говорот на омраза и поттикнувањето насилство кон критичарите на власта. Јавниот сервис не покажува никакви знаци на непристрасно и независно известување, во функција на јавниот интерес. Медиумската криза се продлабочи и со синхронизираната смена на неколку главни уредници. 

Посебно загрижувачки се и постојаните опструкции на работата на Специјалното обвинителство, кое требаше да има целосна автономија во истражувањето и гонењето кривични дела поврзани, и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите. Попречувањето на работата на Специјалното јавно обвинителство оневозможува ефикасна истрага за укажувањата за криминал, констатирани и во Извештајот на Прибе.

Во услови кога не се остварени основните реформски препораки, и кога не се изведени пред лицето на правдата учесниците во изборен криминал, сметаме дека е скандалозно едностраното, самоволно и противуставно донесување одлука за одржување избори на 24 април 2016, од страна на Собранието на РМ, во отсуство на поголемиот дел од опозицијата. Не помалку скандалозно е и неосудувањето на ваквата еднострана одлука од страна на Европската комисија (што може да се сфати како поддршка на политичкото самоволие). Скандалозно е инсистирањето на датум за избори, ставањето во втор план на Итните реформски препораки и игнорирањето на апелот на голем број граѓански организации кои бараа остварување на реформите за фер и слободни избори.

Почитувани,

Токму вие повикувавте на почитување на основните вредности на кои е втемелена ЕУ, како предуслов за надминување на политичката криза во Република Македонија: „демократијата, еднаквоста, почитувањето на човековите права и владеење на правото“. Токму вие јавно повикувавте да бидат постигнати суштинските стандарди за демократско владеење, да биде обезбедена транспарентност во јавните работи, да се гарантира слободата на медиумите и да се засили борбата против корупцијата.
Токму затоа ние, како граѓани на Република Македонија и носители на суверенитетот, бараме од вас:

1) Доследно да се придржувате до основните вредности на кои е втемелена ЕУ, за кои тврдите дека се во основата на Итните реформски приоритети и експертските препораки од Извештајот на Прибе.

2) Да останете доследни во инсистирањето за спроведување ВИСТИНСКИ РЕФОРМИ ЗА ФЕР И СЛОБОДНИ ИЗБОРИ. Инсистирањето само на датум за избори, без претходно да бидат спроведени реформи за фер и слободни избори, може да доведе само до продлабочување на политичката криза во Република Македонија.

3) Јасно да го осудите едностраното, самоволно и противуставно донесување на одлуката за одржување избори на 24 април 2016, од страна на Собранието на РМ, во отсуство на поголемиот дел од опозицијата.

Ние граѓаните и активистите од граѓанските организации очекуваме Европската Унија и натаму да биде наш сојузник и партнер во борбата за демократизација на Република Македонија. Во спротивно, со жалење ќе мораме да констатираме дека ЕК станува соучесник во газењето на демократијата, човековите права и владеењето на правото во Република Македонија.

Без исполнувањето на условите за слободни, фер и демократски избори, што подразбира нужно одложување на постојниот датум, ние како граѓански активисти немаме друга опција освен да повикаме на бојкот на изборите закажани во април и на масовни протести против режимот кој продолжува да ги гази демократијата, човековите права и владеењето на правото во Република Македонија

 

Поврзани новости