Во понеделник предупредувачки протест на македонската дипломатска служба

by Фокус

Синдикатот на македонската дипломатска служба во понеделник ќе организира предупредувачки простест  пред Министерството за надворешни работи, а главната причина е враќање на професионалноста на дипломатската служба и игнорантскиот однос на раководството на МНР.

Барањата кои Синдикатот ќе ги постави на протестот се:

* Најитно ставање во мирување на сите измени на постојниот ЗНР од 2008 година наваму и подзаконските акти донесени врз основа на тие измени и, со тоа, враќање на оригинерниот текст ЗНР од 2006 г. во сила, со единствена цел за нормализирање на состојбите во МНР и реинституционализирање на МНР во интерес на надворешната политика.

* Најитно повлекување на Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор донесени во 2014 година, и враќање на Законот за државни службеници од 2000 г. во неговата оригинерна форма со цел избегнување потполна зависност на вработените од актуелниот политичар на чело на институцијата.

-Континуираниот повеќегодишен недоличен, некооперативен и игнорантски однос на раководството на МНР во однос на реакциите и барањата на Синдикатот на македонската дипломатска служба, кој не соодветствува со практиката во ниту една нормална демократска држава, ниту е во согласност со меѓународни и европски стандарди на добро владеење во едно демократско граѓанско општество. Во тоа светло, најстрашни последици се видливи на полето на депрофесионализација на дипломатската служба, преку континуирано нарушување на меѓучовечките односи, непостоење ефикасен систем на вработување и унапредување во кариерата заснован на начелата на праведност, работното искуство во службата и јасни стандарди, но и преку воведување двојни стандарди и нетранспарентни постапки со континуирани измени на ЗНР и подзаконските акти, се вели во соопштението на Синдикатот.

За Синдикатот донесувањето на најновите измени на Законот за надворешни работи од декември 2015 година, се само последен чекор кон целосна депрофесионализација и партизација на дипломатската служба на Македонија.

Поврзани новости