ГРАЃАНСКАТА ПРОЛЕТ НА АЛБАНЦИТЕ

by fokus

arhivaКолумната е објавена во неделен Фокус 1070 од 8 април 2016

Пишува: Гордана ПОПСИМОНОВА

Според максимата – секое зло за добро, груевизмот со сета своја аномаличност, дефектност и забеганост, на јавна преоценка исфрли цела серија општествени процеси. Не дека и од претходно не бевме навикнале и прифатиле за речиси вообичаени многу абнормални појави, како што е партизирањето на јавната администрација, влијанието врз судството и медиумите, формализирањето на парламентот, злоупотребата на државните пари, манипулациите со јавните набавки и слично, ама Груевски и фамилијата нѐ соочија со фактот до какви апсурдни, бизарни, а, пред сѐ, деструктивни размери може да доведе сето тоа. На политичката сцена во Македонија се случува една сериозна ферментација на вредности, која дефинитивно ќе заврши со своевидна реeвалуација на сето она што се нарекува правила и норми во поведението на политичките протагонисти.

Оттаму, сметам дека најголемите жртви на груевизмот ќе бидат стереотипите. Врз нивна основа се градени и надградувани цели зданија од пароли, гачки и приказни, кои подоцна институционално се прикачуваат врз системот и како пијавици му ја цицаат енергијата. Сега се соочени со сопствената анахроност и залутаност во времето, бидејќи идиотизмот на митоманијата на груевистите, до апсурд го донесе и нивниот етноцентризам. Зборувам за етничките партии во Македонија, од кои најголемиот дел коалицираат во владата со ВМРО-ДПМНЕ.

ДУИ(НГ) БИЗНИС

Конкретен повод за овој мој скромен аналитички обид е најновиот шарлатанизам на најголемата партија на Албанците во Македонија – Демократската унија за интеграција, позната под кратенката ДУИ. Како бомба во јавноста одекна ексклузивното соопштение дека партијата ги повлекува своите министри и заменик-министри од Владата, што на неколку дена пред самораспуштањето на парламентот и на два месеца пред вонредните парламентарни избори, промптно ги активираше дежурните гатачи и прогнозери за заднината на овој потег.

Во два дена се изначитав цел серијал анализи и проценки за ненадејното повлекување на ДУИ, за веќе третиот ден да дознаеме дека се работело за обично кадровско „освежување“ на кабинетот на грејачот на премиерската фотелја на Груевски, Емил Димитриев. Големото „бум“ се претвори во обично „пуф“, кога партијата на интегративците ги соопшти новите министри и заменици, кој од кој понепознат и поанонимен. Настанот едноставно заврши како првоаприлска шега, во стилот на поговорката за гората и глушецот.

Без намера детално да го образложувам овој чекор на ДУИ, сметајќи дека зборот шарлатанизам е сосема доволен, накусо би се задржала само на еден аспект од моето досегашно сфаќање и доживување на овој политички субјект, кој себеси се претставува како доминантен и незаменлив заштитник и гарант на правата на македонските Албанци.

ДУИ е копија на ВМРО-ДПМНЕ. И тоа лоша. Нејзиниот лидер е копија на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. И тоа лоша. Ахмети го интeресираат Албанците, нивните права, слободи и економска благосостојба, правопропорционално со спомениците на Груевски и земањето провизија од тендерите во име на патриотизмот. Ахмети се плаши од Специјалното јавно обвинителство, исто како и Груевски, бидејќи прашање на денот кога аферата „Телеком“ ќе падне во рацете на СЈО.

Ахмети уцвикува од „бомбите“ исто колку и Груевски, бидејќи и неговите најблиски соработници се вмешани во фингирањето изборни резултати. Богами и во валкани бизниси. Најпросто кажано, Ахмети си ја врза судбината со Груевски и му останува „верен до гроб“. Единственото што му преостанува е да го привлече вниманието на себе со глупости од типот „излегувам-влегувам“, веројатно колку да потсети дека е жив и дека е длабоко навреден од некакви аудиоснимки што ги бламираат неговите најблиски послушници. А и него, се разбира.

Сепак, неговиот проблем е многу подлабок и поширок. Неговиот концепт за Албанецот како припадник на ексклузивна група, која е загрозена од Македонецот, полека се урива. Неговата стратегија за градење паралелни општества, паралелни вредности и паралелни системи заснована на принципот на различност, си ги скрши забите уште на 17 мај 2015 година, кога на големиот протест на опозицијата пред македонската Влада, дојдоа огромен број Албанци. Неговата теза дека политичката криза во Македонија е „меѓумакедонска“ доживува дебакл на отворена сцена.

Ахмети не може да разбере дека во Македонија се води борба за слобода и демократија и дека во центарот на оваа титанска битка се граѓаните. И Албанци и Македонци. И сите останати знајни и незнајни. Исто како што жртви на режимот се граѓаните, исто како што масовното иселување ги афектира загрозените, исто како што сиромаштијата ги мачи сите подеднакво. И Македонци  и Албанци. И сите останати знајни и незнајни.

HERONJTȄ E KOHȄS SONȄХЕРОИТЕ НА НАШЕТО ВРЕМЕ

Кога ќе ги сумирам последните две години личен ангажман во борбата против тоталитаризмот во Македонија, фасцинирана сум колку од моите соборци, како и од најгласните и најхрабрите критичари на режимот се Албанци. Веројатно причина за тоа е што голем број од моите пријатели, другари и колеги што му припаѓале на овој етникум, никогаш не сум ги гледала како поразлични од мене. Е, сега ги гледам. Како похрабри, поагилни, поупорни, поотворени и поаргументирани од мене, во борбата за демократска Македонија, ослободена од стегите на двоглавата ламја.

Токму затоа, во групата херои на нашето време ги вбројувам судиите, Гзиме Старова, Исмаил Дарлишта и Сали Мурати, кои заедно со Наташа Габер-Дамјановска го бранат Уставот од Уставниот суд покорен од петте персонални инсталации на власта. Не смеам, а да не го споменам уважениот академик Абдулменаф Беџети, кој авторитетно ги разоткрива економските шашми на владата, а уште помалку, харизматичната обвинителка Фатиме Фетаи од СЈО.

Не можам да ги пропуштам моите другари од барикадите на Студентскиот пленум, Мариглен Демири, Луми Бекири, Леана Таќи, Дамир Незири, Љуљета Адеми или Замир Мехмети, членот на Солидарност Артан Садику, како што имам морална обврска да го споменам новинарот со големо „Н“,  Мухамед Зекири, неговиот колега Петрит Сарачини, НВО активистот Џабир Дерала, суптилниот аналитичар и интелектуалец Арсим Зеколи, како и цела плејада народни трибуни од типот на Рамадан Рамадани, Алберт Муслиу, професорот Сефер Тахири или Едмонд Адеми.

На сите нив, како и на уште многу други кои ненамерно сум ги пропуштила, сум многу горда. Исто како и на малата Ерлин Агич, која веќе четврти месец ѝ го обелува хуманитарниот образ на Македонија, работејќи како волонтерка на Лезбос.

Токму затоа, ако поради нешто можам да му бидам благодарна на Груевски и на неговите лакеи, е фактот што ослободија огромна енергија, во која граѓаните се препознаа во своите сличности во борбата за заедничката цел. Како антипод на ксенофобичните политики на етнички стада, заговарани од ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, четирите (или веќе се пет) ромски, турски, бошњачки, српски и влашки партии кои дремат во Владата, кои му го чуваат грбот на Груевски.

Не знам колку Албанците, Ромите, Турците, Србите, Бошњаците и Власите во Македонија се посреќни и позадоволни од своите претставници во извршната власт, ама знам дека во Македонија се случува револуција на отворена сцена. Во моите очи, нејзините протагонисти имаат лик, имаат збор, имаат храброст, имаат визија, а, пред сѐ, имаат име и презиме. Немаат националност. И затоа ме прават горда.

Убаво мириса пролетта, нели?

 

Поврзани новости