Регулирање на паркингот, одржувањето на хигиената, обновата на „Партизан“, планско градење, реконструкција на плочникот во Порта Влае, се меѓу главните предлози на граѓаните на анкетниот прашалник за креирање на Буџетот за 2020 година, кој Општина Карпош го објави минатата недела, на својата веб страна (https://bit.ly/2YpxjAz).
Како што соопштија од Општина Карпош, повеќе од 300 граѓани од различни урбани заедници го имаат пополнето прашалникот. Нивните предлози се веќе проследени до секторите при Општината и во значајна мера влијаат во креирањето на буџетските програми.
Целта на партиципативното буџетирање и вклученоста на граѓаните и граѓанските организации е локалната самоуправа да добие точни и прецизни податоци за различните проблеми, да се направи приоретизација на проектите и рационално да се користат буџетските средства.
Овој процес ја јакне довербата меѓу Општината и целокупната јавност. Имајќи предвид дека граѓаните со години не веруваа во локалната самоуправа, намерата е да се воспостави еден нов мост на соработка и постојана двонасочна комуникација.
Од Општина Карпош ги повикуваат граѓаните, граѓански организации, претставници од приватниот сектор да го пополнат анкетниот прашалник и на директен начин да се вклучат во формирањето на локалниот буџет.