Граѓаните кога одат на лекар да ја зборуваат вистината, лекарите го ризикуваат својот живот, апелира Коцевски

by Fokus

„Во пресрет на големите верски празници сакам да упатам апел до претставниците на МПЦ Повардарска епархија и до претставниците на Исламската верска заедница, да ги почитуваат законските прописи и препораките од надлежните државни институции– порача градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.

Тој апелираше да се следат убавите примери за кои секојдневно медиумите известуваат како тоа се прави во западна Европа, во пресрет на верските празници.

-Да не се дозволи со некои несоодветни постапки да се доведе во прашање здравјето на верниците кои би оделе во храмовите недоволно обезбедени од можноста да бидат заразени –вели Коцевски.

Исто така, тој упати апел и до граѓаните, да не го доведуваат во прашање здравјето на здравствените работници и да ја зборуваат вистината кога доаѓаат на преглед.

„Здравствените работници го ризикуваат сопственото здравје и здравјето на нивните семејства, во овој период им треба максимална поддршка. Се чувствува веќе замор кај оние кои што се во делот на Инфективното одделение. Покрај големата свест и совест на наши сограѓани, има и такви кои се неодговорни, тоа е поплака од лекарите, не ги давале сите потребни информации, како што се случило кога се криело дека се има контакти со инфицирани од вирусот. Тоа предизвика големи проблеми, затоа би апелирал до граѓаните кога одат на лекар да ја зборуваат вистината. На тој начин можат да си помогнат себе и на околината. Да не го доведуваат во прашање сопственото здравје, здравјето на членовите на нивните семејства, но и на здравствените работници. Така ќе се доведеме во состојба да нема кој да не лекува – порача градоначалникот.

Вчера во Велес беа регистрирани првите здравствени работници позитивни на вирусот. Станува збор за едно лице вработено на Инфективното одделение и едно лице од Итната помош. До вчера, бројот на заболени од корона вирус во Велес изнесува 30 лица. Во самоизолација се наоѓаат 46 велешани, а пак за време на викендов, осум лица не го почитувале полицискиот час.

Вики Клинчарова

Поврзани новости