Граѓаните да се вакцинирааат, да не подлегнуваат на лажни вести и измислици, порачува Пендаровски

by fokus

Сите ние треба да покажеме максимална одговорност и совест за да се заштитиме себе, најблиските и ранливите групи,порача претседателот Стево Пендаровски кој денеска беше на вакциналниот пункт и Модуларната болница за ковид пациенти и ги повика граѓаните да се вакцинираат.

-Она што го баравме и што започна вчера мора да продолжи во континуитет. Ги повикувам граѓаните да се вакцинираат во што поголем број, да не се плашат, да не подлегнуваат на лажни вести, да не веруваат во разно-разни измислици. Како и насекаде во светот, масовната имунизација е единствен начин да се справиме со корона вирусот и да ја надминеме пандемијата на Ковид-19, рече Пендаровски.

Претседателот Пендаровски се запозна со условите на пунктот кој има 4 позиции за вакцинација на кои се имунизираат по 40 граѓани на ден, а е предвидено во оваа фаза е да се вакцинираат 400 лица со вакцината на АстраЗенека. Во процесот на вакцинација на граѓаните на овој вакцинален пункт помагаат и волонтерите на Црвен крст од Штип.

Тој ја посети и Модуларната болница за ковид пациенти во Штип и се сретна со директорот на Клиничката болница во Штип, која има капацитет од 100 кревети и 47 кревети во модуларната болница, додека здравствениот персонал брои околу 200 лица.

Претседателот беше информиран за моменталната состојба со заболени во оваа општина, како и за грижата и пружањето на здравствена заштита на граѓаните, при што изрази благодарност за целосната посветеност и максимален ангажман на здравствените работници и им оддаде признание за пожртвуваноста и професионалноста.

Поврзани новости