Градоначалникот Коневски ќе гради „Јура“ парк во Лисиче!?

by Фокус

arhivaТекстот е објавен на седми август 2015-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 1035

Аеродром е најбогатата општина во земјава со буџет од приближно 22 милиони евра. Според официјалните информации, во последните неколку години, во оваа скопска општина се изградени девет луксузни паркови со езерца, водопади и гејзери на површина од околу 100.000 квадратни метри.

Општината, само за нивната изградба, за партерно одржување и за одржување на фонтаните потрошила повеќе од 7 милиони евра народни пари. Во програмата за оваа година, планирана е изградба на уште еден нов парк на потегот Горно – Долно Лисиче. Според нашите информации, паркот треба да биде на површина од девет хектари и ќе се вика „Рајска градина“, а во него ќе бидат сместени разни видови животни – срни, фазани, мајмуни… Новоизградениот парк би чинел околу 260 илјади евра, а за идејното решение досега се дадени близу 114 илјади евра

Пишувала
Ирена МУЛАЧКА

Градоначалникот на италијанскиот град Авецано, Џовани ди Панеграцио, во последните две години изградил четири детски градинки, две средни и две основни училишта, а обновил и повеќе улички и тротоари со дупки, кои биле опасни за сообраќајот во градот. За време на економската криза што ја зафати цела Европа, првиот човек на општината и членовите на градската администрација нашле невообичен и креативен начин како да ги намалат трошоците. Тие требало да ги варосуваат канцелариите каде што работеле, па наместо да трошат буџетски пари, Панеграцио и неговите колеги сами собирале по 470 евра од човек за материјали за варосување, а на тој начин успеале да заштедат дури 10.000 евра.parkovi i crkvi vo aerodrom (2)За разлика од него, со ваков пример на штедливост, скромност и грижа за граѓаните не можат да се пофалат македонските градоначалници. Во секоја програма на ВМРО-ДПМНЕ пред изборните циклуси може да се прочита за изградба на нови детски градинки, училишта, патишта, болници, но на крајот сликата ја расипуваат мегаломанските проекти на луксузни паркови со езера, фонтани и водопади, катни гаражи и споменици од загинатите македонски револуционери, за кои, според опозицијата, се трошат милиони евра и служат за класично перење пари.

По своето трошење на луксуз најмногу позната е Општина Аеродром, каде што на секој чекор може да се забележат паркови со вештачки езерца, фонтани, водопади и гејзери. Досега општината не почувствувала потреба да даде отчет колку вкупно пари се потрошени во последните неколку години за изградба на овие паркови, колку детски градинки и училишта се изградени во Аеродром, колку споменици никнале во населбата и колку пари се потрошени за интензивната медиумска кампања. Сепак, факт е дека се потрошени многу милиони евра народни пари, а граѓаните мора да знаат како и за што.

Доволно е само да потсетиме на интервјуто за „Фокус“ во 2008 година на поранешниот градоначалник на Аеродром, Кирил Тодоровски, кој беше осуден на казна затвор од три години за наводно примање поткуп од 100.000 евра. Тој ги објаснуваше сите притисоци и проблеми со кои се соочувал од државниот врв, па во една пригода спомена дека Аеродром ќе биде златна кокошка за тој што ќе дојде на негово место. Оттука и почнува приказната.parkovi i crkvi vo aerodrom (8)НЕКОЛКУ МИЛИОНИ ЕВРА САМО ЗА ЛУКСУЗНИ ПАРКОВИ

Аеродром е најбогатата општина во земјава со буџет од приближно 22 милиони евра и со околу 100 илјади жители, при што на секој од нив од градскиот и општинскиот буџет му следуваат 500 евра по жител. Веќе шест години на градоначалничкото столче во Општината седи Ивица Коневски, градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кој на локалните избори во 2013 година го доби вториот мандат да управува со општината.

Уште на самиот влез во Аеродром, посетителот го пречекуваат луксузните паркови со фонтани и езера, кои оддаваат впечаток на богата општина. Според официјалните информации, во последните неколку години во оваа скопска општина се изградени девет луксузни паркови на површина од околу 100.000 квадратни метри.

„Фокус“ располага со документите во кои се наведува точната сума пари кои се потрошени за изградба на овие паркови – износот на јавните набавки, дополнителните анекс-договори, како и потрошените средства за спомениците, кои, освен во централното градско подрачје, можат да се забележат и во Општина Аеродром.

Но, да почнеме со ред. Пред четири години, во јуни 2011 година спектакуларно беше пуштен во употреба паркот „Јане Сандански“, кој се наоѓа на самиот булевар, а за него од општинскиот буџет се одделени дури 450.000 евра. Тој се простира на површина од 4.000 квадратни метри и содржи пешачки патеки, три езерца, фонтани и водопад, а таму е лоцирана и црквата „Св. Никола“. Исто така, во централниот дел на паркот поставен е и споменикот на македонскиот револуционер Јане Сандански, кој чини 250 илјади евра. Споменикот е висок пет метри, излеан е во бронза во српската леарница „Јеремиќ“. Идејното решение е на авторот Гоце Давидов, чиј хонорар изнесува 17.904 евра.

Недалеку од овој парк, само една година подоцна беше пуштен во употреба паркот со импровизирана писта и авион, два шанка, пешачки патеки и детско игралиште во близина на мостот Близнаци. За него Општината потрошила вртоглави 600.000 евра. Но, тоа не е сѐ. Паркот располага со два шанка кои чинат близу 108 илјади евра, а кои се дадени на користење под концесија. Според документите со кои располагаме, само за овие два парка за партерно уредување се потрошени вртоглави 2,1 милиони евра.

Но, тука не застанува изградбата на луксузните паркови. Истата година, во јуни, градоначалникот Коневски и првиот човек на Град Скопје, Коце Трајановски, официјално го отвораат Паркот на езерата, кој се простира на површина од 12 илјади квадратни метри, од кои само две илјади се водна површина. Паркот располага со четири езерца, водопади и гејзери, а за него општинскиот буџет е покус за околу 1 милион евра. Само три години подоцна, на 200 метри оддалеченост од Паркот на езерата, лоциран спроти „Мајчин дом“ никна нов парк кој пред две недели лично во употреба го пушти премиерот Груевски. Тој се простира на површина од 3.000 квадратни метри и има пешачки патеки, водни површини, езеро со фонтани и водопади, река и детско игралиште. Само за него општината потрошила рекордни 650 илјади евра, а двапати помалку чини паркот со малите црквички кај трговскиот центар „Скопјанка“ – околу 350.000 евра.parkovi i crkvi vo aerodrom (5)Тоа се само дел од изградените паркови во општината, а во програмата за оваа година, планирана е изградба на уште еден нов парк на потегот Горно – Долно Лисиче. Според нашите информации, паркот треба да биде на површина од девет хектари и ќе се вика „Рајска градина“, а во него ќе бидат сместени разни видови животни – срни, фазани, мајмуни. Новоизградениот парк би чинел околу 260 илјади евра, а за идејното решение досега се дадени близу 114 илјади евра. Според опозицијата, само за последната година Општината потрошила околу 1 милион евра за изградба на паркови.

Ивица Коневски во текот на сите овие години единствено што има направено за Аеродром се паркови, како што тој сака да ги нарече. Но, тоа не се паркови, а пример за тоа е новиот парк кај „Мајчин дом“. Тој пред да се изгради беше парк бидејќи имаше тревен простор, кој само требаше да се уреди, а денес е само широк простор со бетон и фонтана, каде што нема 1 отсто зеленило – вели Марко Даниловски, советник од СДСМ.

Тој додава дека сите пари што досега се потрошени за паркови и фонтани, можеле да се искористат за проекти, кои ќе им бидат од корист на граѓаните.

Со парите што се дадени за паркови, Коневски можеше да изгради градинка, културен центар, да ги реновира улиците, нови паркинзи, да им ги намали трошоците на родителите во училиштата и општината, да го плаќа обезбедувањето, како и сите оние смешни трошоци што ги имаат родителите за завеси, врати во училиштата, стипендии за талентираните ученици спортисти. Сите овие проекти ние со амандмани сме ги барале, а тој ги има ветено уште во програмата во 2009 година и сѐ уште ги нема исполнето – тврди Даниловски.parkovi i crkvi vo aerodrom 04РЕКОРДНИ 150 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ОДРЖУВАЊЕ САМО НА ФОНТАНИТЕ

Досега во јавноста официјално излегоа податоци за тоа колку отприлика чинат дел од луксузните паркови во Општина Аеродром, но како змија нозе се кријат податоците за тоа колку чини одржувањето на фонтаните во тие паркови. Според документите со кои располага „Фокус“, во најбогатата скопска општина во последните неколку години се изградени повеќе од 20 фонтани, а само за нивно одржување (чистење) од општинскиот буџет се трошат рекордни 150 илјади евра.

Шесте фонтани на влезот на Аеродром чинат 500 илјади евра.

Само трошоците за одржување на фонтаните се огромни, а тие пари можат да се вложат во изградба на детски градинки и училишта. Ние не сме против зеленило, но не и постојано да се градат паркови, фонтани и споменици. Милиони евра се трошат само за тоа – вели Љубица Јанчева, координатор на советничката група на СДСМ.

Од друга страна, во интервју за медиумите, градоначалникот на Аеродром вели дека парите што се трошат за изградба на фонтани не се многу и дека на тој начин се подобрувал имиџот на општината.

Освен тоа, точно пред една година, официјално во употреба беше пуштен новиот спортски комплекс, кој се наоѓа на местото на старата сала на кошаркарскиот клуб МЗТ. Изграден е по европски терк со модерен дизајн, со капацитет за повеќе од шест илјади посетители. parkovi i crkvi vo aerodrom 05Инвестицијата е на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, а изнесува 15 милиони и 200 илјади евра. Проектот е изграден преку јавно приватно партнерство, меѓу Општина Аеродром и рускиот инвеститор, за кој биле ангажирани 1.600 работници од странски и од домашни компании. Спортскиот центар е изграден за година и пол, а веднаш до него се наоѓа и хотелот „Русија“, кој располага со 61 соба и 94 легла. Во Аеродром се гради и црквата „Св. Троица“ под ктиторство на рускиот бизнисмен Самсоненко, а чиј камен-темелник е удрен во јуни лани. Во дел од медиумите излегоа информации дека инвестицијата доаѓа од даночниот рај Белизе, како и некои други инвестиции во медиумските портали, блиски до луѓе од ВМРО-ДПМНЕ.

Аеродром е една од побогатите општини во која сакаат да вложуваат и јавните личности. Меѓу нив е и поранешниот кошаркар и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Петар Наумовски, кој веднаш до спортскиот центар во 2010 година купи две парцели за изградба на Аква-парк и спортски терени. Од тогаш поминаа цели пет години, но од проектите на Наумовски сѐ уште нема ништо. Пред само една година, последно што излезе во медиумите е дека екскошаркарот барал странски инвеститор да го гради Аква-паркот. Не успеавме да дојдеме до информации, до каде е целата процедура, дали странец ќе гради на тоа место и дали воопшто ќе се реализираат замислените проекти.

„Фокус“ испрати неколку прашања и до Општина Аеродром, колку вкупно пари чини изградбата на луксузните паркови и зошто на приоритетна листа на градење се паркови, фонтани и споменици, а не детски градинки и училишта? Еве што ни одговорија од општината:

Општина Аеродром минатата година на нејзината територија изгради една детска градинка и едно основно училиште. Исто така, во рамки на ООУ „Гоце Делчев“ во Долно Лисиче е отворен Центар за ран детски развој, за социјализација на дечињата од тој реон, а оваа година се планира да се отпочне со изградба и на градинка во Горно Лисиче.

Воедно, Општина Аеродром наредната година планира да изврши проширување на оние градинки на нејзината територија каде што има најголема потреба – се наведува во одговорот.parkovi i crkvi vo aerodrom 06КОНЕВСКИ, МИЛЕНИК НА ГРУЕВСКИ И НА МИЈАЛКОВ

Кој е првиот човек, кој веќе шест години управува со најбогатата Општина во земјава? Ивица Коневски има 35 години, но својата политичка кариера ја почнал седум години порано, уште на 28-годишна возраст како советник во Град Скопје, што може да се смета и како негово прво политичко искуство. Мора да се напомене дека од 2006 година наваму, Коневски, како кадар на владејачката партија експресно напредува во својата кариера и досега има вршено неколку функции. Бил назначен за генерален директор на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Македонија. Освен тоа, бил и претседател на бордот директори на ГТЦ – Скопје. Додека бил директор на ЈПССДП, покренал иницијатива за обнова на градскиот стадион „Филип Втори“ и изградба на северната трибина, а бил одговорен и за проектот на изградба на нови станови за млади брачни двојки.

На локалните избори во 2009 година, Коневски како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ ја освоил градоначалничката функција уште во првиот изборен круг, победувајќи го опозицискиот кандидат Тихомир Илиевски, додека четири години подоцна во 2013 година, тој успева да го победи својот противкандидат Диме Велковски. Тогаш ДПМНЕ освои 13 советнички места, додека опозицискиот СДСМ само седум места, со што владејачката партија однесе убедлива победа на изборите.

Тој се смета и за еден од омилените градоначалници на премиерот Груевски, особено зашто се смета за многу близок до неговиот братучед Сашо Мијалков. На последните локални избори кружеа муабети дека благодарение на неговата блискост со државниот врв, Коневски може да стане градоначалник на Скопје. Откако во јавноста почнаа да се вртат ваквите приказни, тој во интервју за медиумите ги демантираше, рече дека немал такви амбиции и едноставно ја пофали работата на Трајановски.

Исто така, честопати се тврди дека откако станал прв човек на општината, дел од неговите роднини се вработиле на добри работни позиции во администрацијата. Во тој период, виш управен судија стана и Загорка Тнковска, мајка на неговата сопруга.

Ние барем нешто градиме“. Ова е главното оправдување на „вмровците“ при нападот од опозиционерите и дел од граѓаните што ги обвинуваат дека во последните девет години изградиле куп барокни згради, споменици, катни гаражи и луксузни паркови со фонтани, наместо тие милиони евра да се потрошеле за изградба на болници, училишта и на детски градинки.parkovi i crkvi vo aerodrom 07

ВО АЕРОДРОМ, ЦРКВА НА СЕКОЈ ЧЕКОР

Општина Аеродром е единствената во државава каде што се изградени повеќе верски објекти, три големи цркви и четири параклиси. Речиси на секој чекор може да се забележат веќе изградени цркви или удрени камен-темелници за изградба на нови. Повеќето од нив се донации, а според информациите, општината не троши буџетски пари за изградба на овие објекти.

Општината само одлучува за маркичката каде ќе биде поставена црквата, МПЦ дава зелено светло, а не се почнува со нејзина изградба сѐ додека не се обезбедат пари или не се најде ктитор. Во последниве години се изградени многу цркви во оваа општина. Во Долно Лисиче е изградена црквата „Свети Петар“, а во Горно Лисиче „Свети Петар и Павле“. Пред неколку години е изградена и црквата „Свети Илија“ спроти поликлиниката „Јане Сандански“ во Аеродром. Во изградба се црквата кај спортската сала „Јане Сандански“, потоа уште една кај Реонски центар кај дирекцијата на „Скопски пазар“ и сега „Света Троица“ во Мичурин.

ВМРОВСКИТЕ СОВЕТНИЦИ ГО ПРАВАТ ОПШТИНСКИОТ ВЕСНИК

Општинскиот весник во Аеродром почна да излегува во јуни 2006 година, како двомесечник. Во него се објавуваат сите активности што ги прави локалната власт на чело со градоначалникот Коневски. Во импресумот во весникот може да се забележи дека уредувачкиот тим го сочинуваат дел од советниците од Општина Аеродром од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, како Синиша Стојановски и Мелина Голубовска.

Поврзани новости