Градоначалникот Коце и Тркалото од Севилја

by Fokus

Пишува: Гоце Јосифоски

Во февруари 2012 година патував за Лондон од аеродромот во Скопје.  Имаше пола метро снег надвор, не знаевме ни дали „Визер“ ќе полета за Лутон, ама се довлеков некако на аеродромот во Петровец.

Во целиот тој метеж на царина и пасошко, кој секогаш беше пропратен елемент на патување од и до „стариот аеродром“, одеднаш се создаде уште поголем метеж кога обезбедувањето почна да прави простор некој да помине. Кога, ете ти го Коце градоначалникот во долг дождовен мантил, моделче цирка 1948 година, возбуден, задишан набрзина влета во толпата и застана пред цариниците и буквално до мене. Еееј радости!

„Градоначалниче, градоначалниче, каде вака?“, довикува, прашувајќи цариникот.

Коце се шутка, се вртка, се расцерека и одговори: „за Севилја, Шпанија“.

„Аууу Севилја, а што таму?“, се интересира цариникот.

Се врти Коце лево-десно, ко да се мисли што да каже и одговара:

Ќе гледам еден рингишпил – Панорамско тркало.“

Цариник е човекот, писмен е, очекуваше сѐ и сешто за одговор, ама Рингишпил – Панорамско тркало, Севилја беше преголем шок за него и за сите нас што го чувме одговорот. Гримасата на лицето на цариникот беше прајслес. И толку, замина Коце.

А во збунувачкото лудило од одговор, цариникот не го праша колку кеш носи, нит со чија картичка плаќа таму, нит кај ќе спие, ама мене ме праша за кешот. Тоа е, јас не сум Коце.

Веќе бев чекирал три пакети со македонско вино од три наши винарии, кои ги носев на состанок со трговци и промотори на вина во Лондон. Си велам, јас носам вино од Македонија на мој трошок да промовирам во Лондон по снегов, Коце оди за сончана Севилја да гледа рингишпил, и гарант од џеб не плаќа за тоа. Полошо од ова би било само авионов да падне во снегов на полетување. Ама се беше ОК. Јас стигнав во Лондон.

Коце го виде тркалото, Големото колце во Севилја, Ла Нурија, лоцирано на плоштадот Сан Себастијан. Скопското, што за дивно чудо сѐ уште се гради, е буквално копија на севилското.

Не знам колку дена беше отседнал и што сѐ друго видел Коце во Севилла или Севилја. И уште поважно, не знам што рапортирал назад кај човекот што го беше пратил на таков далечен пат, само за да види едно тркало. Коце сам да се крене и да му текне да гледа Тркало во Севилја, тоа тешко. Гарант го пратил некој.

Меѓу другото, Коце требало да му каже на претпоставениот дека Севилја има јавен сообраќај составен од еднокатни автобуси, трамвај, лесна железница, активен речен транспорт без „укотвене лаѓе“, кои го користат илјадници луѓе дневно.

Севилја во централното јадро има и 120 км, тоа се СТО И ДВАЕСЕТ КИЛОМЕТРИ посебни велосипедски патеки-улици, а дури 10 отсто денес од сите учесници во сообраќајот – вклучително и пешаци – користат велосипед како превозно средство.

Градот Севилја руши паркинг-гаражи и паркинг-плацеви и ги преуредува во јавни простори за користење на граѓаните, урбани, со зеленило и површини за дневен престој и рекреација. Централното јадро е буквално голема дневна соба, достапна за секој, до која без многу мака и загрозување на сопствениот живот можете да дојдете со велосипед или пеш.

Пјаца де Еспања, главниот современ градски лендмарк плоштад, изграден во 1928 година за Иберо-американскиот светски саем, целосно им е посветен на граѓаните и на посетителите. Импозантно здание каде што денес од една страна доминира саемската зграда, а од другата, преку реката, доминираат огромните медитерански чинари. Истите, на паркот до скопскиот плоштад беа исечени до последното дрво. Гарант и тоа му го беше наредил некој на Коце да го стори. Исто толку импозантно е и зданието на Светскиот експо центар 92.

Градските татковци мислеле и на бизнисот и на економијата на Севилја, па така се погрижиле дури 15.000 луѓе да сместат во еден од најголемите бизнис-паркови за развој и истражување во Европа.

Поентата ми е дека Коце градоначалникот можеше многу што да види и да научи од и во Севилја. Едно е да се гради Панорамско тркало за да можат посетителите од едно место да видат илјада години историја и развој. Сосема спротивно е да инвестираат како „лудаци“ за Скопје и Македонија фантастични суми пари во тркало, кога во исто време немаме една саглам јавна болница. Но, сѐ и сешто веќе видовме и гледаме како се гради и се граничи на работ на умот и нормалноста.

Не сакам да повторувам низ сѐ што минавме во десетте години зад нас живот во Скопје. Но, она што е најважно сега, а можеби и од животно значење е да се најде и избере лидер на градот кој ќе го води Скопје, не низ рамката на панорамски тркала и лудите желби на убер лидерот, туку по нормален колосек.

Кога сме кај колосек, Сараево има трамвај од 1885 година, Софија од 1898, Загреб од 1891, Белград 1892, Истанбул 1871, Будимпешта од 1887 година. Истата Будимпешта во 1896 година го пушта во промет првото европско подземно метро, второ во свет по лондонското пуштено пет години претходно, во 1890. Од овие датуми два века се испишани на календарот и сето ова се случило на помалку од илјада километри од Скопје. Севилја е бајаги подалеку со и без тркалото.

 

 

 

 

 

 

Поврзани новости