Градоначалникот Конзулов за ,,Фокус’’: Какво фигаро, нашите дами две ноќи ќе слават во Бугарија!

by Fokus
-Не е точна веста дека јас сум распишал тендер за набавка на 45 фигара за коса, како Осмомартовски подарок за жените вработени во општината – тврди за ,,Фокус’’

Герасим Конзулов, градоначалникот на Радовиш, откако вчера се најде во центарот на вниманието по објавата во медиумите дека општината ќе потроши 700 евра за овој интересен подарок за дамите од администрација. Тој вели дека воопшто не бил информиран за тој тендер, кој денес бил поништен.

Раскажува дека дамите заслужуваат да имаат убава прослава и да се одморат на кратко, па затоа веќе организирал да заминат во Мелник, соседна Бугарија, каде им биле уплатени две ноќевања, превоз и подготвена била интересна програма.

– Околу триесет жени од Конче и Радовиш ќе заминат во Мелник. Спонзор на оваа нивна Осмомартовска прослава е ,,Бучим’’ каде јас работев во минатото. Ги замолив одговорните од рудникот ,,Бучим’’, тие се согласија и веќе се е организирано, сместување, автобуски превоз… Јас сакам да им угодам на дамите, се надевам дека ќе уживаат во оваа прошетка во Бугарија – вели Конзулов.

-За џабе се најдов на мета поради фигарата, за кои воопшто не бев информиран. Сепак, прошетката во Бугарија е многу поубав подарок и припадничките на понежниот пол сигурно ќе бидат многу позадоволни од неа. Се надевам дека ќе си поминат многу убаво и ќе им остане во сеќавање оваа екскурзија – вели градоначалникот.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости