618
Јавноста беше исклучена на почетокот од 28-миот разговор во предметот Тревник. Како што рече судијката, јавноста се исклучува за да се заштити приватниот живот на обвинетиот Драган Павловиќ – Латас. Во делот што содржи доказ во прилог на обвинението, јавноста беше вратена во судницата.
Досега се преслушаа триесетина од 137 необјавени бомби поврзани со изградбата на викенд-куќи во Зелениково. Според СЈО, разговорите покажуваат дека обвинетите граделе дивоградби затоа што биле изградени пред општината да издаде одобрение за градба.
Па така, бомбите покажуваат дека Латас и изведувачот го потпишале договорот за градба во јуни 2011 година, или две години пред општината да го издаде одобрението.
Интересно е што додека траела изградбата, сопственикот на градежната фирма која ги градела трите куќи, Злате Анастасов, бил во судски спор со тогашниот градоначалник на Струмица и сегашен премиер, Зоран Заев.
-Ти кај си сега – го прашува Латас Анастасов за да му ги даде потпишаните договори.
-Во Струмица сум, имам судење со педе*** Зајко. Обезбедив вештачење, тројца адвокати донесов, но тој се негира, негира и градени куќи. Потпишавме и спогодба со него но ништо не почитува. Не може и судот тој да го контролира. Негира и градежни книги – вели изведувачот во разговор снимен во 2011 година.
-Се е контролирано во Струмица, и судот е контролиран – вели потоа Латас.
Рочиштето продолжува со презентирање на останатите аудио материјали.
М.В.