ГАЛЕРИЈА ,,Фокус’’ во домот на хуманитарката Ленче Здравкин: Кога би можеле, бегалците би ја прелетале Македонија!

by Fokus

За големата хуманитарка Ленче Здравкин од Велес речиси нема човек кој не слушнал во земјава, но и во регионот.

Уште пред околу четири години, при првиот бран на бегалци кои транзитираа низ земјава, со цел да пристигнат во земјите членки на Европската Унија, таа ширум им ги отвори вратите и беше помеѓу првите кои им нудеа конкретна помош. Над милион бегалци и мигранти поминале во изминативе години низ домот на Ленче, а голем е бројот и на наши граѓани со загрозен социјален статус кои се обратиле до неа за помош.

Да се најде домот на хуманитарката во Велес беше доста лесна работа. Нема човек во градот кој не ја познава, а нејзината семејна куќа, сместена веднаш до железничката станица во Велес веднаш ќе ја препознаете. Во дворот, голема маса и клупи, пакети со помош, шишиња со вода. Ленче, срдечна и насмеана, со врати отворени за сите добронамерници, како по инерција веднаш не наседнува на клупата и не нуди со кафе.
Нејзиниот сопруг Ангел се подава од прозорецот и прашува дали тоа дошле нови бегалци и што треба да спреми.

Семејството Здравкин со текот на годините се прилагодило на животот посветен на луѓето кои од мака затропале на нивната врата, и се добива впечаток дека всушност целиот живот им се врти околу помагањето на бегалците. Се појавуваат нејзините синови, внучиња, вујко… Сите се поздравуваат, а кога сфаќаат дека всушност имаат новинарска екипа, а не бегалци, секој си продолжува со своите обврски. Странците во нивниот дом станале нешто секојдневно и невообичаено.

-Сега, како што гледате е мирно, нема никој, но само во рок од пет минути може да се наполни дворот. Луѓето доаѓаат, им нудиме прва помош, оброк, чиста облека и обувки, лекови, вода за по пат. Некои остануваат по неколку часа, колку да се одморат, да се измијат, некои кои се во лоша здравствена состојба сакаат малку да прилегнат. Во изминатиов период ни доаѓаат групи од по осум до десет лица, има млади, но и повозрасни луѓе. Сите итаат кон граничниот премин Табановце, а потоа кон развиените земји, каде најчесто веќе имаат свои роднини или пријатели. Овде, никој ниту сака да остане, ниту пак се случило да остане, освен ако нема некоја поголема причина, како што имавме случај со лице со тежок здравствен проблем и со млада девојка која стапи во брак со Македонец – ја започнува својата приказна Ленче.

На катот на приземје, таа има мал магацин. Облека сортирана по големина, обувки, средства за хигиена и цела полица со лекови и средства за прва помош. Вели дека самата прави гази за преврски, бидејќи многу од бегалците доаѓале со големи отворени рани на стапалата од премногу пешачење, но речиси 90 проценти од луѓето имале уште поголеми повреди нанесени од разбојници.

-Во овој период тоа е честа слика. Доаѓаат со раскрвавени глави, повредени, ограбени. Речиси сите ја раскажуваат истата приказна, дека биле нападнати на околу еден до два километри од Неготино, им биле одземени мобилните телефони и парите, ранците искинати. Страшни слики, но повеќето велат дека не пријавуваат во полиција, бидејќи сакаат што побргу да заминат од Македонија. Тие всушност и никогаш не криеле дека ова им е само транзитна зона и нивната цел е да стигнат во земјите од Европската Унија. Велат, да можевме, ќе ја прелетавме Македонија. Покрај сите маки, целиот напор, пешачењето, патот во неизвеснот, последно нешто кое што им треба е да се соочуваат и со разбојници. Ги слушам нивните трогателни приказни, ми се полнат очите со солзи, гледам да им помогнам колку што можам – раскажува Здравкин.

Во нејзиниот телефон има пораки од оние на кои им пружила помош, а кои веќе стигнале на својата крајна дестинација. Сите и се заблагодаруваат за облеката, за водата, за преврската, за тоа што им дозволила да си ги наполнат батериите на мобилните. Повеќето од нив во пораките ја нарекуваат мама.

-Има луѓе од многу земји, Пакистан, Либан, Сирија… Многу од нив имале добар живот до неодамна, имале финансиски средства, но поради лошите политики биле принудени да заминат. И тоа е таа вистина, никој од удобноста и убавото не бега. На едно летување ако треба да се оди, со сите услови, со сопствено возило, ќе ви дојде мачно кога треба да помислите што се треба да понесете и како да се спремите, посебно ако сте со деца, а не пак вака, цели семејства кога мора да тргнат пеш, во непознато. Ги гледам малите деца кои ни доаѓаат, преморени, гладни, исплашени и помислувам на моето внуче. Како да не им помогнам? Тоа е посилно од мене, не можам да бидам слепа и глува кон овие луѓе. Оти сепак, сите сме луѓе, нели? – вели Ленче.

Додека ни покажува видео клип со млад човек кој неодамна побарал помош од неа очите и се полнат со солзи. Момчето на англиски јазик раскажува дека имало добар живот, како неговиот татко бил воено лице, но поради политичкиот режим брат му бил убиен. И неговата мала сестра била убиена затоа што ја запишале на училиште, што претставувало смртен грев во средина каде женските деца не смееле да се образуваат, туку обврска им било да седат дома. Раскажува дека секојдневно е сведок на големи неправди, но ништо не и било тешко, бидејќи на крајот на денот заспивала мирно, знаејќи дека некому помогнала.

-Се изначитав на секакви приказни за бегалците, каде ги опишуваат како опасни луѓе. Овде поминаа над милион луѓе. Не велам дека сите се добри, но барем мене никогаш не ми се случила некоја непријатност. Сум останувала и сама со нив, ме гледаат како светла точка на нивниот пат, никогаш никој не ме повредил. Има такви кои не можат да стојат на нозе, преслаби, исцрпени, загрижени. Тие неколку часа овде, топлата супа, кафе, макароните или паштетата за нив значат многу. По сто пати се заблагодаруваат за еден парацетемол, за еден пар чорапи. Благодарна сум на мојот сопруг за поддршката, на моите деца, на роднините кои постојано ми помагаат. Веќе сите свикнавме на овој начин на живот и не умееме поинаку – вели хуманата жена.

И нејзините соседи и сограѓани се труделе да им бидат од помош на бегалците. И носеле пакети со облека, храна, средства за хигиена, секој според своите можности. Сепак, додава дека периодов има неодстиг од многу основни нешта.

-Сега времето е топло, па постојано полнам шипиња со вода. Би била преблагодарна кога би добила донација на вода за пиење, недостига и храна. Секој кој што сака да помогне, може да ми испрати храна, како на пример тестенини, супи, бисквити, кафе… Овој период, откако немам поголеми резерви на храна, најчесто пржам пишии, или мекици. Не се многу скапи, а им држат ситост на луѓето. Тешко е да се прават преврски, да се дава облека на сите според големина, да се готви во исто време… Ама, тоа е мојот живот и јас поинаку нема да можам – раскажува Здравкин.

На приказните дека наводно ќе се градат бегалски кампови во земјава, кои владата постојано ги демантира, Ленче се смее. Вели дека такво нешто може да помисли само некој кој никогаш не запознал некој од мигрантите во животот.

-И пари да им даваат, никој од нив не би останал тука. Сите сакаат на запад, бараат подобар живот. За сите овие години на Македонија гледале само како на транзитна земја, значи ниту еден од оние милион луѓе кои поминале низ мојот дом не изразил желба да го мине животот овде, а не пак да ни ја земе работата или пак нашите домови. Ние дефинитивно не сме земјата од соништата на мигрантите – вели Ленче.

Разговорот со неа како да нема крај. Полна е со приказни за разни случки со бегалците, нивните ужаси од војната, но и со бездомници и социјално загрозени семејства од Велес и од други градови. Стануваме да си одиме, не испраќа и ни покажува голем пакет кој требало да биде подигнат од карго службата за жена во Охрид.

-Останала млада вдовица, со мали деца, немаат ниту за леб. Ми побара црна облека, еве сортирав колку што можев, според нејзиниот конфекциски број. Грев е да не се помогне – прошепотува Здравкин.

Не испрати до крајот на улицата, посакувајќи повторно да и дојдеме. Нејзината големина не остава без зборови. Во време кога реткост е да се биде човек на дело, таа ги демантира сите тврдења дека човечноста замира. Сите кои имаат можност да бидат дел од хуманата приказна на Ленче Здравкин, можат да донираат вода, храна и облека, кои таа ќе им ги подели на луѓето со горчливи судбини. Достапна е во секој момент на социјалните мрежи, освен само како што вели, додека прави преврски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости