Градежната компанија Бауер БГ, која доживеа подем за време на десетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, минатиот месец добила негативна референца, односно забрана за учество на тендерски постапки во рок од една година. Според податоците објавени на Бирото за јавни набавки, компанијата ја добила забраната во првата половина на јуни, поради тоа што не потпишала договор за јавна набавка откако претходно доставила прифатлива понуда.
Од компанијата не одговорија на нашето прашање која државна институција, локална самоуправа или јавно претпријатие им ја изрекло мерката, како и за која поточно јавна набавка станува збор. Исто така, ваква информација не добивме ниту од Министерството за финансии, под чија капа е Бирото за јавни набавки, кое објавува список на компаниите со негативна референца и за причината поради која ја добиле, но не објавува информација за органот што ја издал и конкретниот тендер.
Но, од Министерството посочија оти дека негативната референца против Бауер БГ изречена на 12 јуни била повлечена во јули, бидејќи во меѓувреме компанијата покренала управен спор пред надлежен суд, кој одлучил да се тргне забраната се додека трае постапката. Сепак, на Бирото за јавни набавки се уште стои податок дека компанијата има важечка негативна референца.
Според официјалните податоци, 7 дена по изрекувањето на негативната референца, односно на 19 јуни, кога таа уште не била повлечена, Бауер БГ склучил договор со Град Скопје за изведба на енергетска фасада на средното училиште Здравко Цветковски во износ од околу 97.000 евра. Како што објаснуваат од Градот раководен од градоначалникот Петре Шилегов, тука нема ништо спорно бидејќи во моментот на отворање на понудите компанијата немала негативна референца.
Патем, двете страни склучиле уште еден договор за јавна набавка овој месец, кога впрочем била замрзната негативната референца за компанијата. Имено, станува збор за договор за реконструкција на улицата Лондонска, од раскрсница со Митрополит Теодосиј Гологанов до раскрсница со Партизанска, во вредност од 118.000 евра. На овој тендер на Град Скопје конкурирале 9 компании, но Бауер БГ доставил најниска понуда.
Инаку, оваа компанија во сопственост на Горан Димитров и Благој Димитров, е формирана во 2005 година, една година пред ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски да ја презеде централната власт. Сепак, во тоа време ДПМНЕ ја контролираше локалната власт во неколку скопски општини, меѓу кои и Гази Баба, со која Бауер БГ всушност го склучи првиот договор за јавна набавка.
Во тоа време, градоначалник на Гази Баба беше Коце Трајановски, кој потоа во два мандати стана градоначалник на Скопје. Откако Трајановски стана скопски градоначалник, Бауер БГ почна во значителна мера да соработува со Градот. Притоа, во многу тендерски постапки компанијата излегуваше како победник понудувајќи најниска цена, меѓутоа подоцна како по правило склучуваше анекс-договори за дополнителни и непредвидени работи.
Впрочем, таков анекси Бауер БГ и Град Скопје склучија и непосредно пред компанијата да ја добие негативната референца. Се работи за два договори во вкупен износ од околу 233.000 евра, кои се однесуваат на изградба на булеварот Христо Татарчев. Иако компанијата анекс-договорите ги склучила со Градот за време на Шилегов, сепак, основниот договор во износ од милион и пол евра го склучила во 2015 година, кога градоначалник беше Трајановски.
Покрај Бауер БГ, во истиот период негативна референца доби и Гентомар, која во јавноста стана позната откако ги доби двата тендери од скопското Јавно сообраќајно претпријатие за електронските картички што се употребуваат за наплата во градските автобуси. Поточно, едниот договор е склучен на крајот на 2015 година за сума од 150.000 евра, додека другиот кон средината на 2017 година во износ од 384.000 евра.
Од ЈСП – Скопје потврдуваат дека и издале забрана на Гентомар за учество на тендерска постапка во рок од една година поради неквалитетно извршување на работите, но, и покрај најавите дека ќе го сторат тоа, досега не одговорија на нашето прашање во кои сегенти поточно компанијата потфрлила при спроведувањето на договорот.
Неодамна, на оваа „црна листа“ влегоа уште десетина компании, вклучувајќи ја и печатницата Европа 92 во сопственост на довчерашниот градоначалник на Кочани од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ратко Димитровски. Меѓу првите комании на листата по промената на власта, пак, беше Трансмет на Сеад Кочан, кој денеска беше првостепено осуден на 6 годишна затворска казна поради тоа што добил тендер од ЕЛЕМ со измама.
В.С.