Град Скопје утрово ја најави изградбата на нов мост кој треба да ги поврзе населбите Карпош 4 и Злокуќани што, велат, е овозможено со договорот кој градоначалникот Петре Шилегов го потпиша со Владата и ТАВ.
Договорот тежи 328,5 милиони денари, а мостот треба да биде готов до крајот на 2023 година. Мостот ќе ги поврзе улицата „Љубљанска“ и булеварот „Илинден“ со улицата „Скупи“.
-Мостот е предвидено да има 4 коловозни ленти, пешачки и велосипедски патеки од двете страни на коловозот. Вкупната должина на сообраќајницата изнесува 940 метри додека должината на самиот мост изнесува 113 метри, велат од Град Скопје.
Договорот кој го потпиша Шилегов е во согласност со одлуката на Владата да ги прераспредели парите од концесионерот ТАВ за проекти во општините – средства кои првично беа наменети за изградба на карго аеродром во Штип.