Град Скопје ќе потроши 237.000 евра за поставување на осветлување на пристапната улица до новиот плоштад на „ВМРО“. Склучениот договор е објавен на сајтот на Бирото за јавни набавки, а градот го склучил со фирмата „Урбан инвест“ од Кавадраци, која треба да ги постави новите канделабри кои треба да го осветлат просторот што води кон новото барокно седиште на владејачката партија на ВМРО-ДПМНЕ.
За пристапната улица до плоштадот на „ВМРО“ од градскиот буџет веќе се потрошија над 244.000 евра на почетокот на мај. Истовремено, градежните екипи на „Урбан инвест“ изминатиов период работеа на изградба на новиот плоштад со површина од 681 метри квадратни. Пресметките говорат дека самиот плоштад, заедно со пристапната улица и осветлувањето, ќе ги чини граѓаните на Скопје минимум 1,7 милиони евра.