На Европа и е потребна левицата, посебно кога после долги години, десницата во некои земји се разви радикално, со квазипатриотски идеи, а под превезот на модерниот грабеж, рече меѓу другото, премиерот, Зоран Заев, на синоќешната пленумската сесија „Кон обновата на левицата во Југоисточна Европа“ во Сараево.
Според него левицата треба да го добие своето место во Европа, но тоа, рече Заев, зависи од левите партии, од граѓаните, граѓанското општество, синдикатите и работниците.
-Главната работа за нашиот успех е повикот да се обединиме сите, да си подадеме рака, без разлика кој што добива од успехот, заради граѓаните, иднината, татковината, заради обврската да се преземе нешто. Чувството да се стапи во коалиција со независно-политички луѓе треба да се негува, ако сакаме да ја сочуваме независноста – рече премиерот.
Тој во своето обраќање пред присутните, претставници на граѓанскиот сектор оцени дека „десницата што се радикализира победува “, и дека „за да зајакне левицата во регионот и во Европа, треба да најде начин да ги обедини сите кои не се десница.“
-Важно е лидерството, но важна е и храброста. Треба да се преземаат храбри чекори. Кој ќе говори јавно за важните прашања, тој ќе биде лидер. Поважна е иднината на граѓаните од национализмот – рече премиерот Заев.
Обраќањето на премиерот Зоран Заев предизвика голем интерес на дебатата и беше поздравено од присутните граѓански и политички активисти од левицата во регионот и Европа, на пленумската сесија организирана од фондацијата Фридрих Еберт во Сараево.
Дебатата беше организирана во рамки на конференцијата во организација на фондацијата Фридрих Еберт, на тема „Состојбата во регионот – проценка од социјалдемократска перспектива“.