Гоцевски за „Фокус“: Наместо граѓаните, јавните институции треба сами да обезбедат изводи

by Fokus

Управата за водење матични книги штрајкува речиси цел месец, шалтерите за поднесување барање за издавање на изводи од матичната книга на родени, венчани или умрени издаваат само за итни случаи. Независниот синдикат објави дека бараат колективен договор на ниво на работодавач, линеарно покачување на платите и унапредување на работните позиции.

Министерството за правда, пак, реагира дека предложениот колективен договор е спротивен на Законот за административни службеници и не можат да го потпишат.

Управата има лош имиџ меѓу граѓаните, со оглед на тоа што во една година издава над 20 илјади згрешени изводи, па луѓето губат пари и време по шалтерите да ги исправат грешките.

Државниот завод за ревизија во 2019 година ја чешлаше работата на Управата и изрази неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи. Ревизорите констатирале и дека се издаваат згрешени изводи.

Дигитализацијата треба да реши голем дел од проблемите.

-При издавањето на изводите се прават грешки при нивното печатење. Вкупниот број на издадени погрешни изводи во 2019 година изнесува 21.957 изводи, односно 4 проценти во вкупно издадените изводи. Управата ја нема утврдено одговорноста за надоместување на трошокот во случај на настаната грешка при издавање на изводите, поради што за овие изводи во 2019 година не е уплатен приход на сметката на Управата во износ од 1.099.000 денари и приход за административна такса во буџетот на РСМ во износ од 2.196.000 денари, стои во извештајот на Државниот завод за ревизија.

Граѓаните на социјалните мрежи реагираат дека покачувањето на платите мора да оди заедно со одговорноста. Не може исто да земаат и тие што работат и тие што понекогаш издаваат извод без грешка.

Сепак, други, велат дека проблемот не е секогаш во вработените, туку во поставеноста на системот. Дигитализацијата треба да реши голем дел од проблемите.

-Дигитализацијата е една од најзначајните алатки која би им го олеснила поцесот на вадење документи на граѓаните од Управата за матична евиденција.Овој процес кај нас функционира од пред 5 години, но сепак токму поради честите промени на директори и кадар во институцијата во последните години, особено во ковид кризата покажа низа пропусти, коментира за „Фокус“ професорот Драган Гоцевски од катедрата за Административно право и јавна администрација на Правниот факултет во Скопје.

Според него треба да се олесни и процедурата кога институциите бараат податоци од други јавни институции, поточно да не биде толку бирократска со дописи и одобренија, туку да се поедностави начинот и да се применуваат дигитални алатки.

-Сепак она што треба да го знаат граѓаните е дека со Законот за управна постапка од 2015 година секоја јавна институција не треба да бара документ освен во посебни ситуации, на пример ако некој аплицира за странско државјансво секако ќе требаат документи, но во секој случај институциите по службена должност треба да ги прибавуваат документите и на тој начин граѓаните ќе ги избегнат проблемите и дополнителните трошоци за да се извдат нови изводи, додава Гоцевски.

Тој појаснува дека барањето на документи кои не се постари од 6 месеци како извод од родени, државјанство и сл и да не се утврдени со закон институциите имаат право да ги регулираат со правилници согласно потребите, но кога би функционирал законот и би е применувал доследно тоа не би претставувало проблме за граќанинот, бидејќи јавната институција сама ќе го обезбеди.

-Банките и другите приватни субјекти секако спаѓаат во друга категорија и сеуште не е е дозволено по службеан должност да бараат изводи од матична книга на родени, уверение за државјанство итн, затоа мора да ги обезбеди граќанинот. Но ќе повторам се би било полесно доколку функционира дигитализацијата, додава тој.

Има вработени кои земаат плата 15.000 денари

Иако штрајкуваат веќе 6 недели, вработените во Управата за водење на матични книги велат дека никој не ги зема предвид нивните барања. Од Конфедерацијата на синдикални организации велат дека ова се случува само во Македонија – да се протестира 6 недели, а никој да не покаже интерес за тоа.

Претседателот на Синдикатот на Управата за водење на матични книги, Тони Милошовски, вели дека вработен кој не протестира, ги нападнал останатите колеги.

Насер Џемаили, вработен во Управата во Тетово, уверува дека двајца негови колеги се онесвестиле откако вчера добиле наредба од управата дека им се забранува влез во објектот.

-Најлошото е што наредбата пристигна со налог кој треба да се потпише, кој законски нема потреба да се праќа на овој начин. Можеше да биде во вид на известување за вработените. Со жалење велам дека двајца колеги се онесвестија и со Брза помош беа испратени во тетовската болница, вели Џемаили.

Вработените бараат поголеми плати за 30% и уредување на нивниот работен статус. Тврдат дека има вработени кои земаат плата 15.000 денари, пари кои не им се доволни да го „истуркаат“ месецот.

Соња Танеска

Поврзани новости