Горан Стаменковски, поранешен шеф на одделението за човечки ресурси при Основниот суд Скопје 1 е суспендиран од работа поради што најавува кривична пријава против Татјана Михајлова, в.д претседателка на судот и против негов колега поради злоупотреба на службената положба.
Неговата суспензија доаѓа по интервју дадено во неделникот „Фокус“ во кое зборува за мобингот од страна на доскорешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски.
„Ме суспендираат како раководител на човечки ресурси, а претходно ми го укинуваат решението за човечки ресурси што е невиден апсурд, Второ, за истата работа се воведе дисциплинска комисија на која се одлучи да бидам казнет само од плата. Од пет колеги во комисијата четворица беа за парична казна. И трето и најбитно, според член 101 став 1. од Законот за судска служба предлог за суспензија поднесува непосредно претпоставениот судски службеник или администратор, а не Владо Ружичиќ кој не е на повисоко место од моето. Ќе поднесам кривична пријава против в.д претседателката Татјана Михајлова и Владо Ружичиќ поради злоупотреба на службената положба, кога ќе дојде друг обвинител“, вели Стаменковски за „Фокус“.