Кривичниот суд ги одби барањата на СЈО за притвор за началникот на Петтата управа Горан Грујовски, а нема да изрече ниту мерки за претпазливост за преостанатите четворица осомничени во случајот „Тврдина“, меѓу кои е и ексминистерката Гордана Јанкулоска.
Судијката Александра Поп-Стефанова, го прогласи СЈО ненадлежно за овој предмет, бидејќи не презентирало конкретен прислушуван разговор од кој произлегува случајот „Тврдина“.
Од судот соопштија дека Специјалното обвинителство има право на жалба во рок од 24 часа по приемот на одлуката.
Претходно, истиот суд додели мерка притвор за Грујовски, која брзо беше преиначена во куќен притвор.
Со повлекувањето на аболициите, специјалното јавно обвинителство пак го отвори случајот „Тврдина” и ги поднесе исти барања за мерки против осомничените функционер. Во овој предмет, двајца началници од УБК и ексминистерката Јанкулоска треба да одговараат за незаконско уништување на опремата за прислушување во МВР, вредна 10 милиони евра.