Голоб: Решението за Косово се нови избори за легитимна власт

by Fokus

Премиерот на Словенија – Роберт Голоб изјави дека за да се реши кризата во Косово, прво мора да се одржат нови избори за легитимна власт во српските општини, а потоа „да се бара решение за автономијата“ на српското население.

Голоб ова го изјави при доаѓањето на самитот на европската политичка заедница во Гранада и нагласи дека за ова е неопходно „сите да учествуваат на вонредните избори, а тоа значи и српските граѓани“ и рече дека сè што се случи во последните недели е за осуда.

– И тоа значи дека меѓународната заедница ги осудува поединците кои навистина стојат зад ескалацијата и вооружените конфликти, а Словенија најостро ги осудува поединците кои ги воделе и учествувале во тие настани – додаде тој.

На прашање дали поради тие настани ЕУ размислува за санкции против Србија, словенечкиот премиер одговори дека за тоа нема дискусија и изјави дека „мора да се биде внимателен, доследен и упорен“.

– Не верувам дека санкциите сами по себе можат да доведат до трајно решение, а доколку тоа е неопходно и ако се усвои единствен став (во ЕУ), Словенија ќе се приклучи кон тоа, заклучи Голоб.

Поврзани новости