ГОЛЕМИТЕ СЛИКИ ЗА МАЛИОТ ДИКТАТОР

by fokus 11:41
11:41

Она што е заедничко за вледетелите автократи е гневот како израз на длабока фрустрација. Таа нужно не може да се врзе ниту со тешко детство, ниту за дисфункционално семејство бидејќи биографиите на диктаторите бележат многу различни животни истории. Но, она што им е заедничко е јазот меѓу реалното и „идеалното јас“. 

Ида ПРОТУГЕР ВЕЉКОВИЌ

„Многу години по ред, тој ѝ ја наметнуваше на историјата својата верзија. Бесрамно ги преиначи настаните, избриша или ликвидира многу ликови за да воздигне во историјата само еден единствен лик – својот сопствен“, напиша Бленди Февзиу во биографијата за Енвер Хоџа. Биографскиот преглед на Февзиу за албанскиот диктатор е прв документ напишан врз основа на документи од личната архива на Хоџа и сведоштва на оние што го познавале.

Оттука, соц-реалистичките „уметнички“ слики во кои Хоџа е претставен во различни ситуации од животот и со кои се велича неговиот лик и дело, не е случајна сличност со актуелните слики што се поставуваат во седиштето на ДПМНЕ. Таквото поведение е својствено за диктаторите, а ваквата „уметност“ во основа нема уметност, туку е само инструмент за јакнење на нечие его.

Оттука, сегашното подбивање со сликите како нов облик на себевеличање со „кулминација на забеганоста“, „дијагноза“ и слично, ќе треба да го замени една посеопфатна анализа за тоа што ни се случи изминатава деценија и како го дозволивме груевизмот.

Ова е важно, бидејќи не се работи за акт на еден човек опседнат со себе, туку на „дијагноза“ на цел еден народ, кој во определен општествено-политички контекст му овозможил на овој лик да се востоличи како своевиден „крал“, лечејќи си ги фрустрациите на товар на граѓаните, воспоставувајќи го криминалот како

„легитимна“ алатка за владеење и уривање на цел еден демократски систем (прашање останува колку бил демократски), понижувајќи ги и обезличувајќи ги институциите врз кои тој треба да се потпира.

АГОНИЈА НА ПАДОТ

Пред ова суштинско прашање да добие на значење, засега остануваат неодговорени две прашања: Како ќе си замине Груевски од власт и колкави ќе бидат првичните проценки на штетите и трошоците за санација од децениското силување на државата.

Во однос на првото прашање, нема дилема дека тој ќе си замине, бидејќи невозможно е да опстои политички изолиран, да владее во мала и увозно зависна земја во која 60 отсто од трговската размена се случува со ЕУ, а меѓународната заедница јасно покажува дека Груевски со сѐ уште недокажаното криминално владеење за кое слушавме во бомбите, би бил срамен партнер во цивилизираниот свет.

Но, сега е битно „како“ ќе си замине бидејќи очигледно е дека тоа не се случи брзо и според очекувањата кои вградуваа некаква нереална претстава за морал кај него (дека тој ќе поднесе оставка посрамен од она што го обелоденија бомбите), туку ќе биде тоа процес на продолжена агонија во кој не се знае каков „арсенал“ за борба тој до крај ќе употреби и колку албанскиот партнер ДУИ ќе го одржува во живот. За да може евентуално да се градат пореални очекувања, корисно е да се извлече паралела на однесувањето со неговите „колеги“ низ историјата.

Она што е заедничко за  вледетелите автократи е гневот како израз на длабока фрустрација. Таа нужно не може да се врзе ниту со тешко детство, ниту за дисфункционално семејство бидејќи биографиите на диктаторите бележат многу различни животни истории. Но, она што им е заедничко е јазот меѓу реалното и „идеалното јас“.

ПРОСЕЧНИ ЛУЃЕ СО НАДРЕАЛНИ АМБИЦИИ

Што е поголема хармонијата меѓу егото и „идеалното јас“, тоа е една личност поздрава и со поголем интегритет. Колку што е поголем јазот меѓу вистинското и „идеалното јас“, толку е поголема патологијата и активирање на одбранбените механизми со кои личноста сака да ја измени реалноста „во корист“ на „идеалното јас“.

Ова инвестирање во себевеличање е типично за осведочените диктатори кои сакаат да се уверат и себеси и светот дека сето она што посакуваат да бидат (обично се тоа грандиозни идеи за себе како величини, градители, патрони на уметноста итн).

Сите елементи што го оспоруваат тоа „идеално јас“, диктаторите се обидуваат да ги елиминираат (етикетирање на предавници и нивно „исклучување од системот“, нарачани пресуди).

На пример, една личност може да поседува просечни вештини и да ги прилагоди очекувањата на таквата реалност. Но, кога просечноста ќе се судри со силни амбиции кои ги надминуваат можностите на природниот потенцијал, тогаш настанува конфликт во личноста и растечка фрустрација, често со активирање на механизмот на проекција (не е до мене, другите се виновни што не ги постигнувам посакуваните резултати).

На пример, реченицата со која во маратонското интервју Груевски ги опишува дел од учесниците во Шарената револуција како хејтери или мразачи е дека „тие се на секој протест и го мразат секого што е на власт, бидејќи причините за своите лични неуспеси ги бараат кај власта, а не кај себе и во своите грешки и такви има во секое општество“. Ова може да се анализира типично фројдовски преку механизмот на проекција (тој себе си самиот се доживува како „жртва“ на комунизмот поради кој не можел да дојде „до израз“ поради супресивни методи кон неговата фамилија која „се борела за македонштината, а не и поради личните лимити“).

Интересна е паралелата на образовниот процес од биографиите на Хитлер и Хоџа.

Во историските сведоштва наставниците за Хитлер се изјаснувале дека „не се истакнувал во ништо“. Тој имал лоши оценки и таквите резултати ги објаснувал со пркос кон татко му, но и по татковата смрт, тој не го подобрил својот успех, ниту завршил високо образование. Сакал да студира уметност, но бил одбиен како неталентиран и тоа му останало како фрустрација. Слични се записите и за Хоџа.

„За време на тригодишното школување на францускиот Лицеј во Корча не покажал никаков посебен талент, ниту во спортот, ниту во книжевноста, ниту во останатите области. Луѓето што го познаваат од тоа време, подвлекуваат дека тој бил еден вид „медиокритетска личност“, без никаков талент и вештина. Ниту врсниците што го познавале не можат да издвојат нешто особено кај него, освен неговиот ангажман во театарот и епизодната улога што ја играл во претставата „Беса“ од Сами Фрашери,“, пишува во биографијата за Хоџа напишана од Февзиу.

Интересен факт е дека иако имал просечни постигнувања, фамилијарните врски на семејството на Хоџа со влијателен човек во елитата, му овозможува тој да добие стипендија за студирање во Париз. По три години поминати во Париз и само неколку положени испити со кои ниту прва година не можел да ја комплетира, министерот за образование му ја укинува стипендијата.

Откако се качува на премиерската позиција, Хоџа го викнал во неговиот кабинет и во разговор му пререкол дека тој во минатото му ја укинал стипендијата, на што министерот одговорил дека тоа сигурно било заслужено. Потоа тој влегува на долгата листа на егзекутирани од режимот. Исто така, егзекутирани се најголем број од школските другари на Хоџа кои се истакнувале во времето кога учел со нив.

Така, тој самиот во своите спомени за школувањето во Корча пишува за извесна Сабиха Касамати, која се истакнувала со своите вештини, била популарна и многу момци ѝ се додворувале. Според сведоштва на соучениците, Сабиха му се потсмевала на Хоџа. Таа се школувала на Западот и станала една од врвните научници во Албанија. Била егзекутирана во монтиран случај иако не била политички ангажирана. Интересно е дека Хоџа ги памтел имињата на сите тие соученици и на 70 години, повеќето од нив ликвидирани.

ПОБЕДАТА НАД СТРАВОТ, НАЈГОЛЕМ „ТРОФЕЈ“ НА ШАРЕНИТЕ

Генерално, исклучителните личности се трн во окото на диктаторите. Автократите од дно на душа ја мразат „интелигенцијата“ и луѓето со интегритет, а ги поддржуваат просечните.

За нашиот мал диктатор не се создадоа историски услови во кои би можел да пројави толку монструозни карактеристики како Хоџа на пример, а не можеше да развие ниту диктатура каква што актуелно постои во земјите на тлото на поранешниот Советски сојуз, поради трговската и географската поврзаност со ЕУ, поточно цивилизираниот свет.

Тајната на „успехот“ на Груевски беше во два метода: злоупотреба на институциите во пресметка со неистомислениците, сеење страв и супресија и вториот, пропаганда која го велича и лажно претставува невидени успеси во која дел од граѓаните веруваат. Само за „Скопје 2014“ се потрошија над 200 милиони евра, пари кои можеа да се искористат за болници, автопати, хидроцентрали. Останатиот дел пари на граѓаните главно се употребуваа за корумпирање на „војската“, која го одржува Груевски на власт.

Ако се земе предвид висината на буџетите од 2006 до сега, близу 30 милијарди се потрошени, а најголем дел од нив, во востоличување на ликот и делото на Груевски, корупција на разни целни групи и поединци, вработувања, давање бизнис на фирми „пријатели“ на режимот, но и на такви за кои може да се докаже дека се всушност нивни.

Но, освен градење на сликата за „идеалното јас“, не помал фактор во владеењето на диктаторите е крадењето. Да не заборавиме колку милијарди му се ставија на „товар“ на Милошевиќ на сметка на осиромашена Србија. Проблемот е што диктаторите мислат дека парите на граѓаните нужно им припаѓаат.

Груевски, по се она што видовме, презел принципи на владеење од мафијашките здруженија. Се води сметка секој член кој ја поддржува „мафијата“ да биде финансиски или на друг начин опскрбен за да остане лојален. Во книгата „Гомора“ на Роберто Савијано, каде што е опишано дејствувањето на италијанската мафија Камора, пишува: „Тоа што некои го гледале како на идеологија на Камора, за Камора било само економско и воено дејствување на група деловни луѓе“. 

Затоа сега, на самракот на груевизмот, не треба да има очекувања дека некој од таа групација која наликува на мафијашка, особено во првите ешалони, ќе се одметнат. Не, тие ќе останат верни слуги бранејќи ги сопствените интереси и незаслужени придобивки, но и страв од одмазда.

Можно е одметнување на „војската“ од вторите и третите ешалони кога не се „дебело“ наградени и на охрабрување на се поголем број луѓе кои досега се плашеле да проговорат. Бидејќи победата над стравот е практично една од најголемите извојувани победи на Шарената револуција, а исмевањето му задава голем удар на егото на Груевски. Стравот сега може да е најголем само кај „членовите на мафијата“, со оглед на тоа колку може „босовите“ да ги чини напуштањето на „бандата“.

Преостанатата важна алатка за владеење, но и која во последната година служи како „мелем“ на потребите на егото на Груевски е пропагандата. Затоа, инсистирањето да нема реформи во медиумите е многу важно за него, за презервирање на неговата душевна состојба бидејќи ако не гледа на телевизија колку е тој „голем“ и битен, а со тоа и сакан, тоа за него може да биде казна, тешка колку и затворската.

Но, без оглед на неговите желби и потреби, сега е многу важно да се опстои на сите елементи потребни за нормализирање на амбиентот (инсистирањето на медиумските реформи во пакет со укинување на амнестијата и креирање веродостоен избирачки список) како нужен терен за одржување веродостојни избори. Потоа, семејниот портрет со димензии четири на осум метри во партиското седиште, може и слободно да остане, да сведочи за големите фрустрации на малиот диктатор.

Поврзани новости