Поп пејачот Ѓоко Танески во соработка со единаесет музичари од Охрид и од Струга ќе ги донесе звуците на култниот рок состав Пинк Флојд на сцената ,,Долни Сарај’’ во Охрид. Тој е носител на проектот ,,NUMB – Tribute to Pink Floyd’’ и веќе неколку месеци се подготвувале за концертот на кој ќе ги изведат највредните дела на легендарниот бенд.
-Под влијание на нашите родители и повеќе генерации кои израснаа со музиката на Pink Floyd, се одлучивме на оваа иницијатива за изведување на нивните најголеми хитови. На иницијатива на нашиот гитарист Анатолиј Арнаудоски, кој беше иницијатор на овој проект, се одлучивме за еден ваков поголем чекор. Веќе неколку месеци напорно вежбаме и се подготвуваме за премиерата. Имаме уште време и секако дека ќе направиме песните да звучат онака како што треба затоа што Pink Floyd не само што се слуша, туку и се гледа. Сакаме да го изведеме проектот на неколку сцени во државата, но ако има интерес би сакале да го прикажеме и надвор – информираше Танески денес.
Екипата која е дел проектот е составена од музичарите Димитри Алчев (гитара и вокал), Анатоли Арнаудоски (гитара), Ѓорѓи Калајџиевски (тапани), Владомир Кречоски (бас гитара), Никола Јосифоски (синтисајзери), Ангелко Јовчески (перкусии), Горан Папазоски (саксофон), Ѓоко Танески (вокал) и Ана Костадиновска, Сара Николовска и Весна Илиќ Павловска како придружни вокали. -Легендарните песни кои ќе бидат изведени се „Shine on your crazy diamond“, „Learning to fly“, „Hey you“, „Another brick in the wall“ и уште 12 безвременски хитови, кои го одбележаа музичкиот карактер и насока на една цела генерација – вели Танески.
Премиерата на проектот ,,NUMB – Tribute to Pink Floyd’’ ќе се случи на 26-ти јули 2018 година на сцената „Долни сарај“ во Охрид.
Вики Клинчарова