На затворска казна од 20 години е осуден кавадарчанецот Сафет Хамза (47), кој вечерта на 15-ти ноември 2021 година го уби својот сограѓанин Зулфи Паша (57).
Пресудата ја изрече Основен суд Кавадарци.
Настанот кој пред две години се случи во Брушанско маало ја вознемири јавноста. Поради расправија за старателство над дете, Хамза започнал тепачка со друго лице, а Паша кој се обидел да ги раздвои, заврши со фатални повреди.
Како што тогаш информираа од ОЈО Кавадарци, на 15-ти ноември 2021 година, околу 23:30 часот, по претходна вербална расправија на Хамза со друго лице, Паша се обидел да ги смири и да ги раздвои.
Притоа, Хамза замавнал со дрво и го удрил Паша по главата, со што го бутнал на подот, а потоа неколкупати го избодел со нож во пределот на градите.
Од здобиените повреди, на пат кон итната медицинска помош, лицето починало. Хамза по извршеното дело се дал во бегство, но во текот на денот бил лишен од слобода.
Тој зад себе имал и други кривични дела сторени во минатото.
Вики Клинчарова