Предупредување во Мексико, можна е ерупција на Попокатепетл

by Fokus

Милиони луѓе во Мексико се предупредени за можна евакуација по зголемената активност во Попокатепетл, најопасниот активен вулкан во земјата, кој исфрла пепел над неколку околни градови од минатата недела, соопштија властите.

Поради пепел од вулканот Попокатепетл, кој се наоѓа во централниот дел на земјата, летовите беа одложени на аеродромот во Мексико Сити, а затворени се училиштата во десетици општини, јавува Си-Ен-Ен.

Околу 25 милиони луѓе живеат во радиус од 100 километри од вулканот, кој се наоѓа на околу 70 километри југоисточно од главниот град, меѓу државите Морелос, Пуебла и Мексико.

Во неделата, Националниот координативен центар за цивилна заштита (ЦНПЦ) го подигна нивото на опасност од вулканот на „жолта фаза 3“, во која околу три милиони луѓе кои живеат во градовите и селата во близина на вулканот беа повикани да бидат на готовност за можна евакуација.

CNPC, исто така, предупреди на зголемена вулканска активност и паѓање на пепел со поголем интензитет во неколку околни градови. Исто така, беше препорачано населението во областа да избегнува активности на отворено.

„Во случајот со Мексико Сити, постои ризик од паѓање на пепел. Подготвени сме за тоа сценарио и знаеме што да правиме. Да бидеме внимателни“, објави во неделата на Твитер градоначалничката на Мексико Сити, Клаудија Шајнбаум.

Попокатепетл, висок 5.426 метри, е вториот највисок вулкан во Мексико и бил неактивен со децении, додека не еруптирал во 1994 година.

Оттогаш неговиот татнеж стана дел од секојдневниот живот на жителите во областа, пренесува CNN.

Поврзани новости