Главата горе

by Фокус

timthumbПишува
Наум ПАНОВСКИ

Почитувани студенти во Македонија,

Вашиот вчерашен протестен марш и бескомпромисното барање оставка од немуштиот минстер за образование и наука поради наметнатото екстерно тестирање е инспиративен блесок и вистински хоризонт на надеж кој се појавува над опустошена Македонија. Исто така, тој импресионира и со потеницијалот кој го крие во себе и кој може да биде одлучувачки фактор не само за вашата понатамошна иднина туку и воопшто за понатамошната иднина на Македонија како демократска и граѓанска држава. Опасностите и предизвиците на патот до слободата и до правдата се огромни. Тоа го знаете и сами.

Но, она што е најважно на тој пат e да не ја прифатите перверзната замка на власта, а и кукавичулкот на опозицијата, дека вашето незадоволството, вашиот оправдан протест против очајната состојба во образованитео, вашите барања, а со тоа и вашата иднина не треба да се политизираат и да се користат во политички цели.

Сè е политика. Сè! Потполно сè. За тие што не знаат и за тие што не го слушнале тоа од своите лицемерни професори конформисти, политиката е процес, збирка мерки и постапки со кои се одредува, уредува и организира животот во полисот, градот-држава, во заедницата.

Не постои ништо што не е поврзано со животот и со благосостојбата на граѓаниот во полисот, односно што е надвор од сферата на неговиот секојдневен животен интерес. Да! Сè е политика и од неа не треба да се стравува и да се бега. Да се биде дел од политичкиот процес е човеково право и ваш граѓански долг кон себе. а и на вашите родители кон вас и кон идните генерации.

Не дозволувајте да бидете манипулирани.

Дека вашите барања се легитимно политички, и дека не се работи за образовни програми и стандарди, туку дека се работи за една авторитарна брутална политика потврдува и самиот недоветен министер за образование кога ве потценува, ви се потсмева и вели:

– Примив писмо во кое нема ништо конкретно за екстерното оценување. Има барање за оставка на министер, а се знае дека оставка секогаш бараат политички партии, а не студенти….. Пред сè, Одборот за акредитација треба понатаму да ги спроведува сите активности, па универзитетите, студентите, политики на Владата од аспект на образованието… за мене е несфатливо зошто протестираат.

Токму затоа главата горе и продолжете го вашиот марш по храбриот пат. Барајете оставки! Затоа што зад вас не стои никој освен вашите големи срца и вашата љубов за правда и слобода.

И на тој пат немојте само достоинствено во име на правдата да ги каните сите просветители, родители, административци, занаетчии, работници да маршираат со вас. Барајте од сите нив, а пред сè барајте од вашите професори, да не бидат кукавици скриени во глувчешки дупки да се угледеаат на светлите примери од историјата на борбата за слобода и да бидат со вас во првите редови на маршот кон слободата. Тоа е нивна должност кон вас и кон сопствената благородна професија. Професорите мора да бидат со своите студенти.

Sartre and Michel Foucault1

Сартр и Мишел Фуко, мај 1968, Париз.

Исто така одлучно барајте и македонските граѓани да се разбудат од својата летаргија и страв, да ви се придружат на тој макотрепен пат и да ја покажат својата сила која може да ги менува околностите и неподносливата состојбата во која се наоѓаме.

Храбро кажете им:
– Доста молчевте и калкулиравте! Доста го чекавте вистинскиот момент! Доста ни дававте морална подршка! Тоа не е доволно!

Кажете им јасно и гласно на сите што сакаат слободна, демократска, граѓанска Македонија:
– Дојдете! Придружете ни се на патот кон слободата и правдата! Дојдете заедно да ја на направиме Македонија посреќна и поубава земја за сите нејзини граѓани!

Главата горе и храбро напред. Вашата иднина е во ваши раце!

(Наум Пановски е роден скопјанец, режисер кој дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Белград, а повеќе од две децении живее во САД)

Поврзани новости