Гир: Не се точни тврдењата дека Македонија нема да влезе во ЕУ

by Fokus

Не се точни тврдењата дека оваа земја не може да ѝ пристапи на Европската унија, затоа што ЕУ не ја сака или затоа што не е способна да биде дел од Унијата, рече денеска евроамбасадорот Дејвид Гир на настанот на Министерството за надворешни работи со дипломатскиот кор организиран по повод одбележувањето на четиригодишнината од членството на С Македонија во НАТО.

„Ние сакаме Северна Македонија да биде дел од Европската Унија, патот е практичен и многу лесно остварлив“ рече Гир.

„Тоа е и пат на безбедност и навистина веруваме дека членството на Република Северна Македонија во Европската Унија ќе биде од корист за сите нас. И од овие причини ја поттикнуваме Северна Македонија да се придвижи што е можно побрзо кон Европската Унија. Сакаме оваа земја да биде дел од Европската Унија врз основа на исполнувањето на обврските што ги презеде во јули 2022 година по кои следуваше меѓувладината конференција и скрининг-процесот, како и имплементацијата на реформите кои беа утврдени во текот на овој процес, вклучително и тие што се набројани во новиот план за раст и реформи на Европската Унија“ рече Гир.

Тој нагласи дека Северноатлантската алијанса останува темел за колективната одбрана на сојузниците и е од суштинско значење за евроатлантската безбедност.

НАТО и Европската Унија, рече Гир, истовремено играат комплементарна улога во зајакнувањето и поддржувањето на мирот и безбедноста во Европа.

„И навистина е препознаено дека една посилна и поспособна европска одбрана може позитивно да придонесе кон глобалната и трансатлантската безбедност и е комплементарна и интероперабилна со НАТО“ рече шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава.

Придржувајќи се на честитките по повод четвртата годишнина од пристапувањето на Северна Македонија во НАТО, Гир ја пофали земјава за, како што кажа, нејзиното стопроцентно продолжено усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, а во контекст на нејзиното лидерство и примерот што го дава во однос на Украина.

Поврзани новости