Германската Влада преку министерот за надворешни работи, Зигмар Габриел, испрати апел до опозицијата во Македонија да не го блокира добриот почеток на новата Влада и да биде консструктивна во соработката. На денешната средба со шефот на македонската дипломатија, Габриел му ги пренел честитките за првите 100 дена на Владата на премиерот Зоран Заев.
-Новата македонска Влада имаше импресивен почеток и се фокусира на соработка со соседите преку амбициозни реформски проекти и позитивни чекори. Сакам да апелирам до актуелната опозиција да не го блокира добриот почеток на новата влада и да не одбива конструктивна соработка со владата. Бидејќи, сето тоа ќе биде за добро не само за ЕУ перспективата, туку и за граѓаните на земјата, кои се надеваат на напредок и подобрување на нивната животна ситуација – порачал Габриел, соопштија од германското МНР.
Тој ја нагласил поддршката на Германија за евроатлантската перспектива на Македонија, како и на другите држави од Западен Балкан, која не е само политичка, туки и практична, со совети и дела, посочувајќи го како пример Берлинскиот процес.
– Сега е клучно најавените реформи да се спроведат, а реформскиот процес во Македонија повторно да добива во интензитет. Само на тој начин Македонија може да напредува на патот на евро-атлантското приближување – нагласил германскиот министер на средбата со македонскиот колега, Никола Димитров.