Германија денес ќе донесе резолуција за недвосмислена потврда на македонскиот јазик и идентитет

by Fokus

Германскиот Бундестаг денеска треба да расправа и да гласа за резолуција за поддршка на зачленувањето Македонија во ЕУ. Со резолуцијата се очекува да се реафирмираат македонскиот идентитет, јазик и култура на патот на земјата кон Европската Унија.

Резолуцијата насловена „Активно поддржете ја Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија“, е предложена од владејачката парламентарна група на СПД, Зелените и ФДП.

Германските пратеници ќе побараат од федералната Влада да постигне на ниво на ЕУ согласност дека изгледите за пристапување во ЕУ за Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија се „недвосмислени, веродостојни и поткрепени со опиплив напредок“.

-Нашата акција со земјите членки е почната уште од денот кога е усвоена Преговарачката рамка. Таа комуникација е непрекината цело време и со задоволство можам да кажам дека почнува од центарот на Европа, почнува од Берлин, од Бундестагот, кадешто политичките партии без никакви дилеми и тешки разговори носат Резолуција со која не само ги потврдуваат идентитетските атрибути и тоа што ЕУ веќе го потврди во Преговарачката рамка, меѓутоа еве дополнително на ниво на држави земји членки на ЕУ.

Се разбира, ова е само почетокот, не можам во оваа фаза да ги најавам и другите, сепак е покоректно тоа да го направат самите земји. Ова е само почеток на една верига на такви резолуции во кои ќе биде потврдено тоа што е во Преговарачката рамка во смисла на јазик, идентитет итн, кажа вчера министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Поврзани новости